1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЕквадор

Еквадор: Убиство на претседателски кандидат

Сабине Фабер
10 август 2023

За една и пол недела во Еквадор ќе се одржат предвремени претседателски избори. Предизборен собир во Кито заврши фатално за кандидатот Фернандо Вилависенсио.

https://p.dw.com/p/4Uyzm
Еквадор | Претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио е убиен во Кито
Претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио ја критикуваше корупцијата во Еквадор (архивска слика)Фотографија: Karen Toro/REUTERS

Непознати лица пукале врз 59-годишниот Фернандо Вилависенсио кога влегувал во автомобил по предизборен собир на стадион, објавија локалните медиуми. Еден од осомничените, кој бил тешко повреден при престрелката, е уапсен на лице место, соопшти Обвинителството. Екипажот на брзата помош потоа ја констатирал неговата смрт. Подоцна се уапсени уште шест други осомничени лица.

Во престрелката се повредени најмалку девет лица, меѓу кои и кандидатка за парламентарните избори и двајца полицајци, напишаа надлежните власти на онлајн мрежата Х, која порано се нарекуваше Твитер. Истовремено, јавното обвинителство предупреди од лажни информации во врска со делото.

„Организираниот криминал отиде предалеку“

„Огорчен сум и шокиран од атентатот на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио. Мојата солидарност и сочувство се со неговата сопруга и ќерките“, напиша претседателот Гиљермо Ласо на X. Ова злосторство нема да остане неказнето, порачува шефот на државата, кој го свика Националниот совет за безбедност. „Организираниот криминал отиде предалеку. Ќе се казнува со сета сила на законот“, напиша Ласо.

Вилависенсио беше кандидат на движењето Construye (конструкција) за највисока државна функција во јужноамериканската земја и според последните анкети беше на петто место од осум кандидати. Како новинар и член на парламентот, тој постојано ја критикуваше раширената корупција во Еквадор.

Еквадор | Претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио е убиен во Кито
Во престрелката се повредени уште девет лицаФотографија: STR/AFP/Getty Images

Има и други инциденти

Од партијата на Вилависенсио соопштија дека во друг инцидент била нападната нивната канцеларија во Кито. Како што се вели, се размислувало за прекин на изборната кампања поради политички мотивираното насилство. Construye во врска со тоа укажува и на атентатот на градоначалникот на градот Манта, Агустин Интриаго, кој се случи во јули.

На 20 август во Еквадор ќе се одржат предвремени претседателски и парламентарни избори. Тие станаа неопходни откако претседателот Ласо го распушти Националното собрание во екот на постапката за импичмент против него за наводна проневера.

Бран на насилство

Еквадор е во сериозна политичка криза. Рејтинзите на владата и парламентот се многу ниски. Некогаш мирната земја моментално страда и од бран насилство. Стапката од 25 убиства на 100.000 луѓе минатата година беше највисока во историјата на земјата, дури ги надмина и оние во Мексико и Бразил. Владата  за насилството ги обвинува дилерите на дрога.