1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Крвава пресметка на банди во затвор во Еквадор

Улрике Кваст
30 септември 2021

Непријателски банди имаа вооружена пресметка во затвор во Гајакил, Еквадор. Убиени се најмалку 115 луѓе. Обвинителството соопшти дека на најмалку шестмина убиени затвореници им била отсечена главата.

https://p.dw.com/p/414MB
Ecuador I Gefängnisaufstand
Фотографија: Policía Nacional de Ecuador/XinHua/picture alliance

Членови на ривалски банди во затворот во Гајакил се судрија со пиштоли, мачети и гранати. Причина за крвавиот судир е борба за преземање на контролата врз затворот и криминалните зделки. Според наводи на властите, убиени се најмалку 115 лица, а повредени околу 80. Обвинителството соопшти дека на најмалку шестмина убиени затвореници им била отсечена главата. Меѓу жртвите во судирот има и двајца полицајци.

По повеќечасовна борба на бандите, специјалната полиција успеа да ја стави ситуацијата под контрола. Околу затворот има распоредено војска, со цел да се овозможи непречена работа на иследниците и форензичарите.

Ecuador I Gefängnisaufstand
Затвореник во Гајакил на покрив на затворот во време на крвавата пресметкаФотографија: Fernando Mendez/AFP/Getty Images

Шефот на полицијата во Гајакил, Фаусто Буењано, изјави дека упад на полицијата во затворот спречил „уште повеќе жртви“. Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо на Твитер најави дека во врска со состојбата ќе се советува со Безбедносниот комитет. На бандите постојано им успева да прошверцуваат оружје во затворот, призна директорот на затворот Боливар Гарзон.

Повеќе:

Хаити: Хаос по масовно бегство од затвор

Крвав затворенички бунт во Венецуела

Во хронично преполнетите еквадорски затвори постојано доаѓа до судири меѓу членови на бандите кои се поврзани со мексикански картели за дрога. Во земјата има вкупно 65 затвори, кои имаат место за околу 30.000 затвореници. Во нив, меѓутоа, во моментов има околу 39.000 затвореници.