Десетици мртви затвореници во Венецуела
29 март 2018Ситуацијата сѐ уште е малку непрегледна, но властите во Валенсија, главниот град на сојузната држава Карабобо во Венецуела, сметаат дека во бунтот на затворениците загинале најмалку 68 лица. Истрагата треба да утврди што точно се случувало во ќелиите во полициската станица, соопшти генералниот обвинител Тарек Вилијам Сааб на Твитер.
Според наводи на очевидци, бунтот почнал кога затворениците го зеле како заложник еден од стражарите и запалиле душеци. Организацијата „Прозорец кон слободата“, која се грижи за проблемите на затворениците, соопшти дека дел од затворениците се обиделе да избегаат и го одзеле оружјето на еден од стражарите. При пожарот настанат од запалените душеци дел од затворениците изгореле, а други се задушиле.
Гувернерот на Карабобо, Рафаел Лакава, на Твитер напиша дека е „шокиран“ и наведе дека е почната опширна истрага за да се утврдат „причините и одговорните за случувањата“. „Сочувствуваме со семејствата“, напиша Лакава.
Организацијата „Прозорец кон слободата“ наведе дека меѓу загинатите се и две жени кои наверојатно дошле во посета на затвореници.
Затворите во Венецуела се преполни и постојано има бунтови. Поради преполнетоста на затворите, сѐ повеќе затвореници се сместуваат во ќелии во полициските станици. Таму, според законот, не би смееле да останат подолго од 48 часа, но ваквото правило не се почитува.