Вонредна состојба во Еквадор поради голем криминал
30 април 2022Вонредната состојба, воведена во провинциите Гуајас, Манаби и Есмералдас, стапи во сила на полноќ и ќе трае 60 дена, соопшти претседателот на Еквадор, Гиљермо Ласо во говор пренесуван од државните медиуми во земјата. Тој издаде наредба за мобилизација на 4000 полицајци и 5000 војници во трите региони. Во некои градови околу економската метропола Гуајакил е воведен и полициски час.
Одлуката на Ласо доаѓа само еден ден по неговото барање за оставка на владата. Конзервативниот еквадорски претседател само една година по доаѓањето на функцијата прави обиди за смени во составот на владата. Тој именуваше нов министер за енергија, а нови министри треба да дојдат и во ресорите земјоделство и човекови праца. Во вторникот веќе беше сменет министерот за одбрана.
Офанзива против бандите со дрога
Ласо го започна својот мандат со офанзива против нарко-бандите. Тоа доведе до пораст на бројот на апсења и, како последица на тоа, до судири меѓу криминалните банди во затворите, во кои досега има околу 350 загинати затвореници. Во насилства поврзани со трговија на дрога, од почетокот на годинава загинаа 1255 лица.
Еквадор, кој се наоѓа помеѓу големите продуценти на кокаин, Колумбија и Перу, во меѓувреме се претвори во центар на трговијата со дрога. Само во првиот квартал од годинава властите запленија 52 тони дроги, главно кокаин. Картелите со дрога ја извезуваат стоката преку пристаништата на Пацификот.