1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пертусис: Голем број невакцинирани деца во градинките

ДТЗ
12 март 2024

По вакцинирањето децата повторно ќе можат да одат во градинка. Не е точно дека децата по примена вакцина против пертусис треба да останат дома 21 ден.

https://p.dw.com/p/4dR7K
вакцина
Дури 50% од децата во скопските градинки не се вакцинирани за голема кашлицаФотографија: MiS/imago images

Инспекциските надзори кои стапија на сила во градинките открија голем број невакцинирани деца во главниот град, каде е прогласена и епидемија на голема кашлица. Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис. Во главниот град има е најголем број заболени и меѓу децата, но има и возрасни. 

Во внатрешноста на земјата ситуацијата е поинаква. Над 95 отсто од децата се вакцинирани, вели директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат, Рената Младеновска. Под инспекциски надзор се и приватните градинки.

Надлежните оценуваат дека станува збор за поразувачки податоци околу вакцинацијата.

Инспекторатот од понеделникот (11.03) започна со надзори во градинките и издава решение зазабрана за примање деца кои се невакцинирани против голема кашлица. Од директорите добиле уверување дека ќе се почитува забраната. 

По вакцинација веднаш во градинка 

Од 1 до 7 март се пријавени 50 нови случаи на голема кашлица во Северна Македонија, со што вкупната бројка на заболени е 173 случаи. Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголем број од случаите се на возраст од 10 до 14 години. Болеста највеќе се шири во Скопје. Од вкупниот број на регистрирани случаи 58 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Комисијата за заразни болести на 7 февруари побара да се прогласи епидемија на магарешка кашлица во Скопје, кога имаше 14 потврдени случаи. Како една од мерките коишто се предлагаа беше и да се забрани прием на невакцинирани деца во градинките.

По вакцинирањето децата повторно ќе можат да одат во градинка. Младеновска вели дека не е точно дека децата по примена вакцина против пертусис треба да останат дома 21 ден. 

Комисијата за заразни болести на 5 март препорача да има засилен инспекциски надзор во градинките, тестирање за голема кашлица на ниво на државата, како и водење на дигитална евиенција во вакциналните пунктови.

Комисијата препорача вакцинирање и на возрасни, а вакцините се очекува да пристигнат наскоро.