1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемен интерес за вакцинација поради голема кашлица

ДТЗ
9 февруари 2024

Пред сѐ станува збор за деца над тригодишна возраст, коишто ги пропуштиле дозите од редовна вакцина. Без вакцини нема да им биде дозволено одење во градинка.

https://p.dw.com/p/4cDxd
вакцинација
Зголемен интерес за вакцинација поради голема кашлицаФотографија: MiS/imago images

Родителите поитаа да ги вакцинираат децата по најавите дека ќе биде прогласена епидемија поради растот на заболените од голема кашлица. Поради голем интерес, вакциналните пунктови ќе почнат да работат во две смени. 

Од Вакциналниот пункт „Букурешт“ во Скопје информираа дека од изутрината е зголемен интересот за вакцинација. До 11 часот вакцинирани се околу 60 деца, кои ги пропуштиле дозите од редовната вакцина. Пред сѐ станува збор за деца над тригодишна возраст, коишто ги пропуштиле дозите од редовна вакцина, според календарот за вакцинација.

„Од утрово до 11 часот вакциниравме околу 60 дечиња. Ако вообичаено бројките на дневно ниво се меѓу 20 и 30, денеска бројката е двојно поголема. Кон тоа придонесува стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните“, изјави Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар.  

Насоки 

Тие од Министерството за здравство добиле насоки за започнување со работа во две смени, а вакцинација ќе има и во сабота. Доктор Бети Гелејчевска Илковска вели дека пред да ги вакцинираат децата, родителите најчесто прашуваат зошто да се примаат вакцините во толку рана возраст, кој е производителот на вакцините, кои се несаканите реакции од примената вакцина.

голема кашлица
Главната препорака е вакцинација на децата со ДиТеПер вакцината која се прима на 2,4,6 и 18 месеци како и на 7-годишна возраст.Фотографија: Andrea Warnecke/dpa/picture alliance

Последните информации се дека во земјата има вкупно 22 заразени лица од почетокот на годината. Најголем дел од заболените се деца и дел од нив се хоспитализирани, но има и возрасни заразени со голема или магарешка кашлица. Надлежните препорачаа прогласување на епидемија со цел да се спречи ширењето на заразната болест. 

Болеста лесно се пренесува 

Институт за јавно здравје ќе ги изготви сите препораки коишто ќе бидат јавно објавени и ќе треба да се почитуваат. Главната препорака е вакцинација на децата со ДиТеПер вакцината која се прима на 2,4,6 и 18 месеци како и на 7-годишна возраст.

Градинките нема да примаат невакцинирани или делумно вакцинирани деца за пертусис. Болеста е најзастапена кај лицата коишто не се вакцинирани.

Пертусис, познат како голема кашлица, е многу заразна респираторна инфекција предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis. Постои можност и деца кои се вакцинирани да имаат можност да бидат заразени, меѓутоа кај нив инфекцијата ќе помине полесно, отколку кај неимунизираните. Вакцинација има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти. 

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. 

Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето.