1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана: Градинките не смеат да примаат невакцинирани деца

ДТЗ
11 март 2024

Само од 1 до 7 март се пријавени 50 нови случаи на голема кашлица со што вкупната бројка на заболени е 173 случаи. Дали мерките се задоцнети?

https://p.dw.com/p/4dNzu
Вакцина Деца
Бројот на заболести од голема кашлица расте. Дали мерките се задоцнети?Фотографија: Daniel Reinhardt/dpa/picture alliance

И покрај прогласувањето на епидемија во Скопје и донесувањето на препораки за заштита и вакцинација од голема кашлица, мерките недоволно се спроведуваат на терен. Во очекување на писмени известувања, дел од градинките и понатаму згрижуваат невакцинирани деца. И покрај најавите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека ќе почне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се целосно имунизирани со вакцината ДТП против голема кашлица, изминатиов период расте бројот на заболени деца, но и возрасни. 

Дали мерките се задоцнети? 

Само од 1 до 7 март се пријавени 50 нови случаи на голема кашлица со што вкупната бројка на заболени е 173 случаи. Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголем број од случаите се на возраст од 10 до 14 години. Болеста највеќе се шири во Скопје. Од вкупниот број на регистрирани случаи 58 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Комисијата за заразни болести уште на 7 февруари побара да се прогласи епидемија на магарешка кашлица во Скопје, кога имаше 14 потврдени случаи. Како една од мерките коишто се предлагаа беше и да се забрани прием на невакцинирани деца во градинките. Но, повеќе од еден месец оваа мерка се уште не се спроведува целосно. 

Писмена наредба 

Министерот за здравство Илир Демири вели дека од денеска веќе има и писмена наредба да не се дозволува прием на невакцинирани деца во градинките, но дека институциите биле должни да ги слушаат и апелите коишто беа испратени изминатиот период со цел да се преземат сите мерки за да се спречи ширењето на болеста. 

„Веќе трета недела како сум министер и веднаш пристапив кон преземање мерки, не само на територија на Град Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку засилени инспекциски контроли ќе има низ целата земја. Ќе бараме да се зголеми бројката на вакцинирани деца“, изјави денеска Демири. 

Последните препораки на Комисијата за заразни болести на 5 март беа да има засилен инспекциски надзор во градинките, тестирање за голема кашлица на ниво на државата, како и водење на дигитална евиенција во вакциналните пунктови.

Комисијата препорача вакцинирање и на возрасни, а вакцините се очекува да пристигнат наскоро.