Небесен спектакл за милиони луѓе
9 април 2024Милиони луѓе низ Северна Америка беа сведоци на целосно затемнување на сонцето во понеделникот (8 април, 2024), при што месечината целосно го блокираше сонцето неколку минути. Областа од која можеше да се види тоталното помрачување на сонцето беше широка околу 185 километри и ги вклучуваше големите американски градови Далас, Индијанаполис и Бафало.
За време на целосното затемнување на сонцето, месечината се движи директно пред сонцето и целосно го покрива. При настанатиот самрак, кој овојпат траеше до четири минути и 28 секунди, беше видлива само надворешната атмосфера на сонцето, таканаречена корона.
Во други области можеше да се забележи барем делумно затемнување на сонцето - доколку немало облаци. Природниот спектакл започна на пацифичкиот брег на Мексико и се движеше кон Тексас и 14 други американски држави пред да стигне по околу 6.500 километри до Северниот Атлантик во близина на Њуфаундленд, Канада.
Во овој коридор живеат околу 44 милиони луѓе кои чекаа да бидат потонати во темнина во националните паркови, на покривите, на стадионите и на други места. Повеќето хотелски соби во областа беа целосно резервирани со месеци.
Научниците, исто така, се подготвуваа за настанот со месеци. Американската вселенска агенција НАСА го испитуваше затемнувањето на Сонцето со помош на авиони и балони, меѓу другото.
Последното целосно затемнување на Сонцето беше видливо од САД во 2017 година, од Мексико во 1991 година и од Канада во 1979 година. Наредното затемнување на сонцето за САД и за Канада е најавено дури во 2044 година, а за Мексико во 2052 година.