1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Утврдувањето на позициите пред средбата кај Иванов продолжува

6 февруари 2011

Во Македонија продолжуваат партиските викенд консултации воочи утрешната лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов. Денеска состаноци одржуваат раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и Нова Демократија.

https://p.dw.com/p/10Bdb
ВМРО ДПМНЕ вечерва ги утврдува позициитеФотографија: Petar Stojanovski

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како што се очекува, вечерва (06.02) треба да одржи седница на Извршниот комитет на која ќе се разговара за позициите на партијата на утрешната лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов, на која главна тема ќе биде бојкотот на опозициските партии на работата на Собранието.

Претставници на владејачката партија велат дека е добро дијалогот да се практикува и оти ќе направат се’ од своја страна да се надминат одредени проблеми.

Тачи повторно нема да учествува на лидерската средба

Седница на Управниот совет на Нова Демократија се одржува денеска во Скопје, на која ќе се усогласуваат ставовите за утрешната лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов. Лидерот на Нова Демократија Имер Селмани вчера соопшти дека ќе учествува на лидерската средба.

Menduh Taci von DPA, Mazedonien
Мендух Тачи не оди кај ИвановФотографија: Petar Stojanovski

„Се надеваме дека и Претседателот на државата и парламентарното мнозинство овојпат ќе бидат повеќе заинтересирани за суштествен дијалог кој би ја вратил демократијата и еднаквоста во нашата земја“, велат од Нова Демократија.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, порача дека и овојпат ќе го бојкотира состанокот на лидерите кај претседателот Иванов и го повтори барањето за предвремени избори.

„Иванов нема мандат од Албанците. Да не се сфати ова лично. Второ, Иванов едноставно е никој од аспект на политичка моќ, во однос на политичката сила, во коректна политика. Никола Груевски е вистинската сила, вистинското мнозинство во оваа земја од кого зависат одлуките и извршувањата на оваа Влада. Јас сум подготвен да присуствувам на лидерска средба на четирите главни политички сили и на таа средба сакам да се одреди агендата за која ќе зборуваме“, додаде Тачи.

Предуслови и услови од СДСМ

Раководствата на опозициските партии СДСМ и НСДП консултации одржаа во текот на вчерашниот ден. Тие ја потврдија одлуката за учество на нивните лидери Бранко Црвенковски и Тито Петковски на средбата кај Иванов. Притоа, СДСМ побара како предуслов за почнување политички дијалог, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да обезбедат и да гарантираат непречено функционирање на сите медиуми, а особено на „А1“, „А2“, „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“.
Доколку овие предуслови бидат исполнети, тогаш СДСМ поставува уште неколку услови за враќање во Собранието. И НСДП истакна свои барања за враќање на нејзините пратеници во Парламент, кои лидерот Петковски ќе ги пренесе и на средбата на политичките партии со претседателот Ѓорѓе Иванов во понеделник.

Автор:СН/ЕМФ/миа/алсат/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска