1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој со што ќе оди кај Иванов?

5 февруари 2011

Динамичен партиски викенд, пред најавената лидерска среба во понеделник (07.02) кај македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

https://p.dw.com/p/QyUS
Секој во куферот има различни барањаФотографија: Fotolia

Врвот на СДСМ, партија која го започна бојкотот на Собранието, денеска (05.02) ги верификува барањата за обновен политички дијалог. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ги разгледува и тактиките за можни предвремени избори, откако коалицискиот партнер ДУИ синоќа во Скопје, заедно со парламентарната група, не ги исклучи. Со тоа го релативизираше претходниот став дека приоритети се враќање на опозицијата и решавање на спорот со името пред воопшто да се разговара за распишување нови избори.

Социјалдемократите зад затворени врати, најверојатно ќе набројат десетина приоритетни барања за обновен дијалог власт-опозиција. Некои од нив веќе се тестирани во јавноста - запирање на притисоците врз критички настроените медиуми, рамномерна достапност кон сите телевизии за време на кампањата, прочистување на избирачките списоци со формирана собраниска Анкетна комисија, или откажување од уставните промени или покомплексно иновирање со исфрлање од Републичкиот судски совет на министерот за правда Михајло Маневски. Тој е најлошо рангираниот министер во анкетата на весникот „Дневник“, со одвај 15 насто доверба во него, но и со критички и негативни оценки, фифти-фифти, за министрите Јанкуловска и Ставревски. Објавувањето на оваа анкета во јавноста се толкува како создавање клима за реконструкција, особено во ресорот за правда, како минимум потез што би ја одоброволило опозицијата да се врати во Парламентот.

Flash-Galerie Mazedonien Djordje Ivanov
Претседателот Ѓорге Иванов свика лидерска средба за понеделник, 07.02.2011Фотографија: AP

И коалиционите партнери „гледаат“ различно

„Македонија е поделена и раскарана држава, а на премиерот Груевски му успеа да конфронтира Македонци-Македонци“, вели во днешното интервју за весникот „Шпиц“ Јани Макрадули, потпретседател на СДСМ.

Опозицискиот блок околу СДСМ е со идентични барања и оценки.

За да се врати НСДП во Собранието, потребен е консензус околу измени и дополнувања на Изборниот законик, ажурирање на избирачкиот список и измени во Уставот во делот на екстрадиција, изјави попладнево лидерот на НСДП Тито Петковски. Тој за ДВ, пред почетокот на седницата на партискот врв, рече:

„Политиката на Груевски ја доведе земјата во комплетна меѓународна изолација и внатрешна поделеност.“

Неговата партија ќе инсистира на формирање парламентарна комисија за контрола врз трошењето на буџетот, особено ако се оди на вонредни избори, кога е возможно „власта да купува гласови со субвенции, изградба на локални патишта, кампања“, вели Петковски.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи, токму денеска е во Скопје во седиштетто на новоформираниот Албански сојуз на Ваљон Беља, кој ја застапува идејата за Макдонија –Швајцарија на Балканот, како конфедерација на два рамноправни народа.

Според извори од врвот на Нова Демократија, лидерот Селмани, кај претседателот Иванов ќе бара пролонгирање на пописот за лето или за догодина ако сега се распишат вонредни избори, но и уставни промени со поголема примена на Бадентеровото правило. „Кризата тешко ќе се надмине зашто власта ги прекина сите мостови за толерантен дијалог со опозицијата“, вели висок функционер на НД.

Партиите во понеделник ќе се соочат и со различни детекции за актуелните случувања, дури и меѓу самите владини партнери. Премиерот Груевски вели дека нема политичка криза, ДУИ, пак, оцени дека Македонија влегува во таква ситуација, што е приближување на „интегративците“ до оценките на опозицискиот табор.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска