Пак: Македонскиот народ заслужува функционална парламентарна демократија
3 февруари 2011„Наместо излегување на улиците, тие треба да ги бранат своите ставови во парламентот. На Македонија и‘ треба функционален парламент, на кој му претстои толку многу работа на полето на законодавството, а македонскиот народ заслужува да има функционална парламентарна демократија“, се вели во писмената изјава на Пак.
Унгарскиот и холандскиот амбасадор во Скопје, Ференц Кекеши и Симоне Филипини денеска (03.02) оценија дека за земјата е најважно да се обнови политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата.
Амбасадорката Филипини изрази жалење и поради случајот со притворената од случајот „Пајажина“ која го изгуби бебето и побара од Министерството за правда да формира тим кој ќе испита дали биле земени предвид сите законски аспекти.
Претседателката на Основниот суд Скопје 1, Лидија Неделкова денеска ја отфрли одговорност за случајот. Според неа, била разгледувана можноста притворената, која беше држена во притвор 40 дена, да биде пуштена на слобода, но одлуката била одложена поради барањето на адвокатите на одбраната за укинување на притворот на сите осомничени. Сите постапки биле во согласност со законот, изјави судијката Неделкова.
На случувања во државата денеска реагираше и Здружението на новинарите на Македонија. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, побара од политичарите да престанат да ги злоупотребуваат медиумите во земјата, а од властите да и овозможат на А1 телевизија нормално да функционира.
Автор: БГ/КД/миа/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска