1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголем број од жртвите во Газиантеп се малолетни

СН/ртр/афп/дпа22 август 2016

Самоубиствениот бомбашки напад кој го изврши дете на свадба во турскиот град Газиантеп, предизвика ужаснатост ширум светот. Сега е објавено дека поголем број од 44-те идентификувани жртви се деца или младинци.

https://p.dw.com/p/1Jmll
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Deep

29 од 44-те досега идентификувани загинати во нападот во Газиантеп се помлади од 18 години, јавуваат турските медиуми. Портпарол на владата соопшти дека 22 жртви биле помлади од 14 години. Атентаторот во нападот за време на курдска свадбена прослава во милионскиот град Газиантеп, во југоисточна Турција, со себе во смрт одведе најмалку 54 лица, а уште 69 се повредени.

Очевидци сведочат дека бомбата експлодирала среде насобраните луѓе на свадбата. Досега никој не ја презеде одговорноста за крвопролевањето. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во текот на вчерашниот ден одговорноста за најтешкиот напад во Турција во оваа година ѝ ја префрли на терористичката милиција „Исламска држава“.

Според неговите наводи, нападот го извршило дете меѓу 12 и 14 години. Нејасно е дали детето самото се кренало во воздух или експлозивот кој го носело со себе бил активиран со далечински управувач. Турскиот весник „Хуриет“ известува дека на камерите за надзор можело да се види дека детето е придружувано од две лица, кои се оддалечиле пред бомбата да експлодира. Идентитетот на малолетниот напаѓач кој го носел експлозивниот појас досега не е утврден. Медицински експерти вршат ДНК-анализа на крвта на атентаторот.

Türkei Explosion bei Hochzeit in Gaziantep
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Burun

Исклучиво Курди меѓу жртвите

Претседателот на прокурдската партија ХДП, Селахатин Демирташ, изјави дека сите загинати се Курди. Младоженецот, кој исто како и невестата минал само со полесни повреди, е член на ХДП. Во меѓувреме загинатите се погребани на гробиштата во Газиантеп.

Колумнистот Абдулкадир Селви, кој важи за добар познавач на состојбите, изјави дека е можно атентаторот да дошол од Сирија преку блиската граница. ИД како што е познато има свои ќелии и во Газиантеп и во Истанбул. Безбедносните сили поаѓаат од тоа дека станува збор за одмазднички акт за офанзивата на курдските милиции и протурските сириски опозициски сили против Исламска држава.

Türkei Explosion bei Hochzeit in Gaziantep
Фотографија: Getty Images/AFP

Позната конструкција на бомбата

Според весникот „Хуриет“ контрукцијата на експлозивот наликувала на бомбите кои беа употребени при претходните самоубиствени напади врз курдски собири во пограничниот град Суруч и во Анкара. Посебно тешки последици имаше атентатот врз прокурдската манифестација во октомври 2015 година во Анкара, во кој загинаа речиси 100 луѓе.

Владата во Анкара повеќепати за бројни напади во земјата одговорноста ѝ ја префрли на „Исламска држава“. Милицијата меѓутоа не ја презеде одговорноста за ниту еден од нападите. Наспроти тоа, ИД во минатото ја презеде одговорноста за убиствата на сириски опозиционери во Газиантеп. Истоимената провинција се граничи со Сирија, во која повеќе од пет години беснее граѓанска војна. На сириската страна од меѓусебната граница, ИД контролира големи територии.