1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прелом е неверојатен

Андреас Нол / превод: ЕМФ7 јули 2015

Додека во Германија трпението со Грција истекува, Франција бара разбирање за Атина. Но на Грците би им било подобро да не се потпираат на претседателот Оланд, смета Андреас Нол.

https://p.dw.com/p/1FtoD
Фотографија: picture-alliance/dpa/Hanschke

Во оваа криза, која изобилува со живописни вербални слики, францускиот министер за економија Емануел Макрон беше тој кој на викендот направи споредба, враќајќи се голем чекор назад во историјата: „По негативниот одговор на Грците не смее да има нов Версајски договор на еврозоната“, предупреди тој од преостар однос кон грчкото раквоодство. И притоа кај оние кои го слушаа создаде слика на континент кој тоне во крв и хаос. Тогаш, кога Франција и Грција беа смртни непријатели во Европа.

Од некогашните непријатели одамна - и тоа е уште една живописна слика - настана германско-француската оска, која го определува правецот во ЕУ. Каков е тој правец во моментов, може само да се нагаѓа. Макрон, министерот за финансии Мишел Сапан или претседателот Франсоа Оланд сеедно: низ изјавите на француските политичари на власт за Грција редовно провејува повеќе разбирање за принудите на грчката влада отколку што тоа е случај со изјавите на нивните грчки колеги. Дали Франција во бескрајната партија покер со Атина пледира за компромис по секоја цена?

Германско-француското водство во опасност?

За тоа има причини. На камиказе-политичкиот стил на Ципрас му аплаудираат не само партиите од екстремно левиот или екстремно десниот табор, туку и во рамки на социјалистичката владејачка партија левото крило негува јасни симпатии за политичарот авантурист, кој во случај на дилема ги става настрана договорите и прописите и повеќе сака да се повика на приматот во политиката - народната волја. Овој став не му е туѓ на народот кој со многу тесно мнозинство на референдум го одобри Мастришкиот договор. Многу е можно поранешниот министер за образование Беноа Хамон да имаше право кога по грчкото „не“ на Твитер напиша: „Французите би гласале исто како Грците“. Па, денешниот претседател порано ловеше гласови со слични идеи. Франсоа Оланд беше избран пред три години, меѓу другото и затоа што тој во фокусот на кампањата ја имаше ставено борбата против политиката на штедење на Меркел. Меѓутоа, кога седна на претседателската фотелја Оланд брзо се прешалтува на „владеачки модус“.

Но, при сета симпатија и носталгија по не толку строги правила во Европа, прелом на германско-француската оска во оваа криза е малку веројатен. За такво нешто Париз нема сила. Земјата е во опасност и самата да стане жртва во оваа криза. „Фрекзит“-дебатата меѓу француските експерти се води посериозно отколку што тоа во Германија може да се претпостави. Притоа, се разбира, не станува збор за денес и не за утре, но можеби за задутре.

Porträt Andreas Noll
Андреас Нол, автор на коментаротФотографија: Privat

Слаба Франција

Статистичарите објавија алармантни бројки пред само неколку дена. Франција одвај се држи под симболично важната граница на државно задолжување од под 100 проценти од брутодомашниот производ. А брзо подобрување на повидок нема. Напротив, кога француските медиуми во драматичните денови на грчката криза известуваа за итно неопходната санација на социјалниот систем и реформската млитавост, би можеле да мислат и на сопствената земја. Од ваква позиција не може да се води борба замоќ со Германија. Но, Оланд може да се бори за политичко подобрување на позицијата во раководнто дуо, во кое со месеци тактот го определува Берлин, сеедно дали се работи за Украина или за Грција. Никој во Елисејската палата не би имал ништо против Франција да може малку да ја зголеми својата политичка тежина на посредник. Впрочем, претседателот веќе се понуди за оваа улога во моментите кога германското нетрпение кон Грција беше на дофат на рака. Социјалистот Оланд беше првиот кој го прими Ципрас по неговиот избор за премиер во јануари.

Дали Оланд ќе добие шанса за посредување, меѓутоа, е прашање. Грција долгорочно е на спореден колосек, од каде можеби не може да биде спасена дури ни покрај сета отворена симпатија од Франција. Многу е можно француските напори да се наменети само за домашната публика. На крајот, двете земји со голема тежина - Германија и Франција - ќе застапуваат ист став кон Грција и со тоа ќе му даваат насока и на европскиот став. Оланд не може да влезе во траен конфликт со Меркел, тоа за него би значело политичко самоубиство.

А, тука се уште и француските пари. Зависно од тоа кој ја прави сметката, Франција е со 40 до 60 милијарди евра „во оган“. Тоа ја амортизира подготвеноста за компромис околу централното грчко барање за отпис на долговите. Дури и ако Фрацузите не штедат симпатии за грчкиот бунт, Париз нема пари за подарување. Тоа денес не е ништо поинаку отколку во времињата на Версајскиот договор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема