1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од грчки преседан на непокорност

З.Јорсановски/ ЕМФ/ длф/сц/фр7 јули 2015

Поранешниот еврокомесар Ферхојген вели дека државниците од Еврогрупата со својата политика сакаат да спречат Грција да им покаже на други земји дека не мора да постапуваат како што им пропишуваат моќни трети земји.

https://p.dw.com/p/1FtWL
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

За суштината на спорот меѓу Грција и доверителите од Еврогрупата, поранешниот комесар за проширување на ЕУ Гинтер Ферхојген во интервју за „Дојчландфунк“ вели:

„Ниедна Ангела Меркел и ниеден Шојбле не можат да ми објаснат дека судбината на континентов сакаат да ја направат зависна од прашањето колку треба да бидат намалени пензиите во Грција. Тоа е апсурдно! Тука мора да е во прашање нешто друго и според мое мислење станува збор за тоа дека се сакало да биде спречено земја како Грција да им демонстрира на другите земји дека можат да се ослободат од она што им го пропишуваат моќните бирократи и моќните политичари во Брисел, Берлин или на друго место. Мислам дека во Берлин имаат ужасен страв од тоа, дека и други би можеле да дојдат на идеја - па, да, можеби и ние можеме да се браниме и не мораме да правиме се’ што ни се наложува! Мислам дека е тоа причината зошто овој спор е толку огорчен и длабок. Но, тоа во меѓувреме отиде толку далеку, многу над самата работа, што денеска навистина без претерување мораме да констатираме дека на нашата Европа и’ се заканува да се распадне“.

EU Kommissar Günter Verheugen
Гинтер ФерхојгенФотографија: AP

Ферхојген укажува дека и ако Грција ја напушти еврозоната, долговите сепак ќе останат. Грците не произведуваат ништо, со што преку ниски цени и ниски плати би ја подобриле конкурентноста на светскиот пазар. Но, многу далекусежни би биле политичките последици ако светот околку нас согледа дека заедништвото на Европа веќе не е гарантирано, оценува тој.

Ако не можеме да го решиме овој грчки проблем, како имаме намера да постапуваме со големи светски проблеми? - се прашува Ферхојген. На германската политика и’ е тешко да признае дека била во заблуда во однос на Грција и особено тешко да им каже на избирачите дека дел од дадените пари никогаш веќе нема да се врати во германската каса, вели тој и и’ забележува на политиката за отсуство на таква храброст.

Грција е на работ од бездната. Јасно е дека таму мора да има промени, но тие не можат да се постигнат во краток рок, како што бараше Тројката. Тоа е процес кој ќе се одвива веројатно со децении и нужно е репрограмирање на грчките долгови на многу долг рок, поврзано со долгорочен концепт како може да се модернизира грчката економија и грчката јавна администрација, вели Ферхојген за „Дојландфунк“.

„Штутгартер цајтунг“ денеска се занимава со однесувањето на германската канцеларка Меркел во грчката криза:

„Веќе нема криење. Сега Меркел, најдобро би било со францускиот претседател Франсоа Оланд заедно, треба да каже по кој пат сака да оди. Ако Хелмут Кол беше на нејзино место, одговорот со сигурност ќе гласеше: мора да сториме се‘ за да спречиме распад на еврзоната и на ЕУ! Не смее да има грекзит! Но, кој денес може да каже колку од Европеецот Кол се крие во Меркел?“

„Франкфуртер Рундшау“ пак оценува:

„Вистинските Европејци меѓу европските политичари сега резултатот од грчкиот референдум треба да го искористат за нов почеток. Тие конечно треба да слушаат кога станува збор за алтернативи на нивниот политички модел кого го следат тврдоглаво.“