1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напаѓачки фудбал како стратегија

Златко Калински 26 септември 2014

Бошко Ѓуровски е дванаесеттиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија по осамостојувањето на земјата. Познатото фудбалско име ја одработува првата година од својот мандат. Соочен е со многу потешкотии.

https://p.dw.com/p/1DLdG
Фотографија: Fotolia/mirpic

Основното обележје на неговата работа е формирање на нова селекција без неколкумина фудбалери, кои се простија со националниот тим, а една деценија беа незаменливи. Главниот натпреварувачки тест во моментов се квалификациите за Европското првенство во 2016. За досега сработеното Ѓуровски смета дека е сѐ уште рано да се зборува.

„Мислам дека е сѐ уште рано да давам каква и да било оценка. Во квалификациите влеговме со пораз од Шпанија во Валенсија. Овој пораз не обврзува во следните неколку настапи да влеземе со многу поголеми мотиви. На крајот на годината ќе можеме да зборуваме многу поаргументирано за направеното.“

Ѓуровски, за разлика од двајцата претходни селектори, постојано е присутен во Македонија и внимателно ги следи случувањата во македонскиот фудбал. Какви се неговите досегашни опсервации?

„Точно е дека следам сѐ што се случува. Мораме да бидеме реални дека нашата лига не е на високо ниво. Сепак успеав да најдам неколкумина играчи, кои отскокнуваат и имаат репрезентативен формат. Тие беа вклучени на турнејата во Кина, на подготвителните мечеви во Австрија и во Италија и за дуелот против Шпанија. Тоа се Радески, Дарко Велковски, Аврамовски, кои пред себе имаат фудбалска иднина и ќе го носат репрезентативниот дрес“.

Лоша инфраструктура, одлив на таленти

Инфраструктурно македонскиот фудбал во подолг период се соочува со проблеми. Лоши услови на стадионите, неприкладни терени тешки за игра во зимскиот период, финансиски проблеми. Се реперкуира ли оваа состојба и врз репрезентацијата? Ѓуровски вели дека е тоа очекувана слика, која мора да се менува.

„Ова беше очекувана и позната состојба за мене. Фудбалската федерација на Македонија почна да работи на подобрување на условите за игра на стадионите и се надевам на подобри времиња. Лошата инфраструктура неминовно има свое влијание. Го намалува квантитетот на квалитетни млади фудбалери. А, без потребниот квантитет се намалува и квалитетот. Инфраструктурата не е проблем за да се препознаат децата со врвна талентираност, но таа има влијание да загубиме голем број на млади што би можеле да станат добри фудбалери. Многу од нив се определуваат за други спортови што се играат во сала.“

Македонската репрезентација во моментов е на 112 место на листата на ФИФА. Полош ранкинг имаше само пред две децении непосредно по приемот во членството во светското фудбалско семејство, на 117 место. Неминовност ли е ваквото тонење? За Ѓуровски ова е непријатен момент, но кој не треба посебно да оптоварува.

„Во моментов не треба да се оптоваруваме со паѓањето на светската листа. Загубивме од Шпанија и тоа имаше влијание. Но, сега следат натпревари како што се против Луксембург, Белорусија, Украина во кои очекуваме резултати после кои нештата ќе се променат и очекувам да напредуваме. За мене таа листа не е премногу меродавна.“

Фудбалери со победнички карактер

Ова е време на фудбалско вжештување, на почеток на квалификациониот циклус за Европското првенство во 2016 година. Македонија стартуваше со пораз од Шпанија со 5:1, но резултатската негатива во фудбалските кругови беше прифатена како реалност.

„Дуелот со Шпанија ми покажа нешто што ми е потребно за во иднина. А, тоа е дека некои играчи не можат да се носат со притисокот со кој се обвиени важните натпревари. Мене ми се потребни играчи ментално силни, кои во најважните моменти ќе покажат карактер. Барам од играчите да влезат во игра со идејата да постигнат гол, а не со филозофијата да не се прими гол. А, таквиот пристап бара играчи со карактер, такви кои ќе ја преземат одговорноста особено во офанзивната фаза. На Шпанија и се спротивставивме со тројца напаѓачи. Не успеавме да направиме подобар резултат, не се одбранивме добро како тим, не само во зоната на одбрана. Имавме девет удари, од кои осум во рамката на голот на Шпанија што е добар показател. Ни треба и поголема зрелост и смиреност во завршниците.“

Луксембург е вистинскиот почеток

Атмосферата која провејува е дека вистинскиот почеток за Македонија ќе биде претстојниот дуел во Скопје на 9 октомври против Луксембург. Репрезентација која во составувањето на квалификационите групи пристигна од последниот шешир, но тоа не соодветствува на вистинската сила на составот. Ѓуровски останува доследен на изборот на фудбалери од Валенсија.

„Нема да има измени во составот, или ако ги има тие ќе бидат сосема мали. Што се однесува до Луксембург, се подготвуваме со сериозност како за секој друг натпревар. И со оптимизам. Сакам да внесам во тимот позитивна енергија. Со нестрпливост го очекувам тој меч за да го покажеме нашето вистинско лице и работите да дојдат на свое место“, вели Бошко Ѓуровски во интервјуто за Дојче веле.