1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новески дефинитивно се повлекува од репрезентацијата

СН/ам/миа/мф8 мај 2014

Играчот и капитен на германскиот прволигаш Мајнц Николче Новески решил повеќе да не настапува за фудбалската репрезентација на Македонија, соопшти денеска селекторот на националниот тим Бошко Ѓуровски.

https://p.dw.com/p/1Bvhe
Фотографија: Reuters

По повлекувањето на Горан Пандев уште еден искусен македонски фудбалски интернационалец дефинитивно се откажа од играњето во репрезентацијата. Селекторот на македонската репрезентација Бошко Ѓуровски денеска при соопштувањето на поширокиот список на играчи, на кои смета за пријателските натпревари со селекциите на Камерун и Катар, ја пренесе и информацијата за повлекувањето на Николче Новески (на насловна фотографија - лево) од репрезентацијата.

„Разговарав со Новески и тој ми рече дека е време да стави крај на репрезентативната кариера. Преголем напор ќе му претставувалo да игра во Бундеслигата и да доаѓа на натпреварите на репрезентацијата“, рече Ѓуровски.

Новески по завршувањето на квалификацискиот циклус за пласман на СП во Бразил изјави дека размислува за повлекување од репрезентацијата, а новиот селектор Ѓуровски не го повика за пријателскиот меч со Латвија, оставајќи му време да размисли околку својата одлука.

Дефанзивецот на Мајнц има 35 години, за македонската репрезентација дебитирал во 2004 година и за една деценија во дресот на репрезентацијата одиграл 64 натпревари и постигнал пет гола.

Инаку селектрот Ѓуровски на својот список има 42-ца фудбалери, од кои 12 настапуваат во домашното првенство. Како што рече селекторот, списокот ќе биде „скратен“, на 25 имиња (23 фудбалери и двајца голмани), кои ќе бидат во конкуренција за мечевите со Камерун и Катар. Македонија против Камерун ќе игра на 26. мај во Австрија, додека на 30. мај во Рим противник ќе и’ биде Катар.