1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија преслаба за Шпанија

АМ/миа9 септември 2014

Репрезентацијата на Македонија синоќа претрпе убедлив пораз од европскиот првак Шпанија на гостувањето во Валенсија на стартот од квалификациите за ЕУРО 2016. Шпанија славеше со 5:1.

https://p.dw.com/p/1D96L
Фотографија: Fotolia/mirpic

Домаќинот поведе со голот од пенал на Серхио Рамос во 16. минута, а веднаш потоа дебитантот во шпанската репрезентација Пако Алкасер во 17.минута зголеми на 2:0. Македонија намали на 2:1 со голот од пенал што го постигна Агим Ибраими во 28. минута, но во финишот на првиот дел Серхио Бускетс, во третата минута од продолжението на првото полувреме, го постигна својот првенец во дресот на Шпанија. На стартот на вториот дел мрежата на Томе Пачовски ја затресе Давид Силва – 50. минута, додека конечните 5:1 ги постави Педро во првата минута од продолжението на второто полувреме.

Вкупно девет натпревари беа одиграни синоќа од 1.коло од квалификациите за ЕУРО 2016 што ќе се одржи во Франција.

Важна победа во борба за првото место против директниот конкурент во групата постигна Англија совладувајќи ја Швајцарија на гости со 2:0, со двата гола на Дени Велбек.

Преглед на резултатите на синоќа одиграните натпревари:

Ц група: Шпанија – Македонија 5:1, Украина – Словачка 0:1, Луксембург – Белорусија 1:1.

Е група: Естонија – Словенија 1:0, Сан Марино – Литванија 0:2, Швајцарија – Англија 0:2.

Г група: Русија – Лихтенштајн 4:0, Австрија – Шведска 1:1 и Црна Гора – Молдавија 2:0.

Вечерва се играат натпреварите од преостанатите групи, а двојките се: Казахстан –Летонија, Чешка – Холандија, Исланд – Турција (А група), Андора – Велс, Босна и Херцеговина – Кипар, Израел – Белгија (Б група), Азербејџан – Бугарија, Хрватска – Малта и Норвешка – Италија (Х група).