270311 Berlin Reaktionen Wahlen
28 март 2011Во Берлин по покраинските избори во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц владее единствен став дека темата што беше одлучувачка за исходот на изборите е - атомската политика. Катастрофата во Јапонија владееше со дебатите и со однесувањето на избирачите на југоистокот на Германија, велат претставниците на сите партии. Модифицираниот став на канцеларката Ангела Меркел, која стави тримесечен мораториум врз работата на седумте најстари атомски центарли во Германија, не ги убеди граѓаните, призна генералниот секретар на ЦДУ, Херман Грое:
„ Мислам дека решавачки е што изборите се одржаа толку бргу по страшниот настан во Јапонија. Не можевме да ги убедиме луѓето дека ова решение не се должи на изборната кампања, туку на настаните во Јапонија и последиците од тие настани за енергетската политика. Времето за тоа беше прекратко.“
Славје кај Зелените
Сојузната канцеларка Ангела Меркел беше единствениот шеф на партија кој не се појави на дебатите во Берлин по покраинските избори вчеравечер (27.03). Во партиската централа на ЦДУ владееше нерасположение. Сосема поинаку беше кај Зелените. Во нивното седиште се славеше. Партискиот шеф, Клаудија Рот, се радуваше поради сензационалниот резултат на партијата во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц:
„Ова е навистина извонреден успех на Зелените. Ова е ден кој трајно ќе го промени политичкиот мозаик во Сојузна Република Германија. Се разбира, овој ден и исходот од изборите е голема шлаканица за политиката на црно-жолтите, која не е ориентирана кон иднината.“
Големи загуби за Либералите
Задоволство има и кај социјалдемократите, иако мораа да претрпат загуби во девет покраини. Генералниот секретар на СПД Андреа Налес резултатот од изборите го оцени како шлаканица за коалицијата во Берлин:
„Може да се каже дека црно-жолтите се готови. Госпоѓа Меркел ги прогласи овие избори за судбински и тоа сега ќе ја запечати нејзината судбина. Среќни сме и се радуваме поради ваквите резултати.“
Особено болни изборните резултати беа за либералите (ФДП). Генералниот секретар Биргит Хомбургер, која како претседател на огранокот на ФДП во Баден Виртемберг мораше да се соочи со големи загуби, изјави:
„Ова е разочарувачки резултат. Се разбира дека се надевавме на повеќе. Една единствена тема, атомската енергија, прекри се‘ и доведе до емоционализирање на изборната борба, што сега се одразува на изборните резултати.“
Левицата не успеа да обезбеди места во парламентите
За личните консеквенци по изборите Хомбургер вечерта по изборите не сакаше да се изјасни, исто како и министерот за економија Рајнер Бридерле, чиј огранок на ФДП во Рајнланд Пфалц не успеа да го мине цензусот за влез во покраинскиот парламент. Лидерот на либералите на сојузно ниво, Гидо Вестервеле, уште пред да бидат затворени избирачките места, отфрли можност за евентуална своја оставка.
Партијата на левицата не успеа да влезе во парламентите во ниту една од двете покраини. Претседателот на партијата Клаус Ернст, сепак, не сака да се обесхрабрува:
„Овој резултат нема да го оценуваме како катастрофален, туку ќе го вреднуваме како ’одиме натаму’. Застапени сме во 13 покраински парламенти, во три не сме, но и тоа ќе биде.“
Автор: Бетина Маркс/ Елизабета Милошевска Фидановска
Редактор: Симе Недевски