1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите се на потег

21 март 2011

Во германската покраина Саксонија Анхалт на повидок е повторно голема коалиција ЦДУ-СПД, која владееше и претходните пет години. На покраинските парламентарни избори вчера (21.03) ЦДУ освои најголем број гласови.

https://p.dw.com/p/10dIK
Рајнер ХазелофФотографија: picture alliance / dpa

Атомската катастрофа во Јапонија влијаеше и на изборите во Саксонија Анхалт. Првпат по 1998 година Зелените успеаја да влезат во покраинскиот парламент. Партијата на противниците на атомската енергија, со околу 7 проценти освоени гласови, доби речиси двојно поголема доверба од гласачите отколку пред пет години. Со тоа, Зелените повторно се застапени во 14 од 16 покраински парламенти. Партискиот шеф Чем Ездемир е полн со оптимизам пред претстојните два покраински избори:

„Следната недела (27.03) имаме шанса да влеземе и во 15-от покраински парламент, во Рајнланд Пфалц. Истовремено, имаме шанса во Баден Виртемберг да биде избран и првиот покраински премиер од нашата партија“.

Во Баден Виртемберг, според анкетите, Зелените се втора сила зад Христијанско-демократската унија и можат заедно со социјалдемократите да формираат влада.

Cem Oezdemir, Bundesvorsitzender der Grünen
Чем Ездемир е задоволенФотографија: AP

ЦДУ предлага повторно голема коалиција

За христијанските демократи на канцеларката Ангела Меркел изборите во Саксонија Анхалт поминаа со умерен успех-тие загубија над три проценти, но сепак, веројатно ќе го имаат премиерското место. Кандидатот на ЦДУ Рајнер Хазелоф сака да и‘ понуди на третопласираната СПД продолжување на заедничката коалиција.

„Нашите граѓани сакаат продолжување на добрата работа и изнаоѓање начин за коалициски договор. Што е можно побрзо ќе ги започнам овие разговори“.

Левите станаа, како и во другите источни германски покраини, втора по сила партија.

Landtagswahl 2011 Sachsen-Anhalt Haseloff Bullerjahn
Рајнер Хазелоф и Јенс Булерјан, кандидатот на СПДФотографија: dapd

Губитници се Либералите

Либералите на вицеканцеларот Гидо Вестервеле, пак, ќе мора да го напуштат покраинскиот парламент во Магдебург: „Ги загубивме изборите во Саксонија Анхалт, нема што да ублажуваме. Но, ние сме единствени како при успесите, така и при поразите“, изјави Вестервеле.

Изборите, воедно, беа заеднички успех на сите демократски партии: деснорадикалната НПД не успеа да влезе во покраинскиот парламент. А и излезноста беше над 50 проценти, откако пред пет години достигна рекордно ниско ниво, 44 проценти.

Автор: Бернд Греслер/Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска