1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и Албанија чекор понапред до НАТО

9 јули 2008

Во Брисел денеска беше потпишан протоколот за пристапување на Хрватска и Албанија кон НАТО. Вратата останува отворена и за Македонија штом се реши спорот со Грција - порача денеска првиот човек на Алијансата, Шефер.

https://p.dw.com/p/EZFA

„Вратата на НАТО е отворена за Македонија но решение за билатералниот спор со Грција би морало да се најде - порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Јаап де Хооп Шефер во Брисел по потпишувањето на Протоколот за прием на Хрватска и Албанија во НАТО.

Нова реалност во НАТО без Македонија

Тој изрази жалење што на денешната церемонија покрај министрите за надворешни работи на Албанија и на Хрватска не бил присутен и нивниот колега од Македонија но истакна дека тоа е реалноста упатувајќи притоа на заклучоците од Самитот во Букурешт кога лидерите на НАТО истакнаа дека Македонија доколку во меѓувреме го реши спорот со Грција, може да добие покана без да чека нов Самит на Алијансата.

„Токму затоа јас стојам тука исполнет со радост поради потпишувањето на Протоколот за Албанија и Хрватска и по малку тажен. Но и луѓето во Скопје би требало да размилсат што значи ова. Да потсетам ги видовме резултатите од Самитот во Букурешт кои исто така ги засегаа и добрососедските односи “ - рече Шефер.

Шефер се надева на флексибилност

Тој истакна дека за жал официјално Македонија повеќе не може да се приклучи кон Албанија и Хрватска со оглед дека за нив сега ќе започне процесот на парламентарна ратификација на Протоколот за пристапување кон Алијансата: „Сега има нова влада во Скопје. Да се надеваме дека ќе видиме флексибилност. Но официјалниот одговор за жал и јас не сакам да го дадам тој одговор би бил дека овој процес за Хрватска и Албанија сега ќе започне.“

Хрватска и Албанија полноправни членки на Алијансата до наредната пролет?

Инаку денеска Протоколот за пристапување на Албанија и Хрватска во НАТО го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји, Љуљзим Bаша и Гордан Јандроковиќ како и првиот човек на Алијансата, Шефер:„Ова е голем ден за Хрватска. Oва е историски настан и затоа мораме да им изразиме благодарност на сите оние кои ни овозможија денеска да бидеме овде, во прв ред на хрватските бранители кои во клучни моменти ја обезбедија слободата на Хрватска“ - изјави по потпишувањето на Протоколот хрватскиот министер Јандроковиќ.

Инаку сега следува процесот на ратификација на Протоколот во 26-те држави членки на НАТО кој би требало да заврши за неполна година. Баша, Јандроковиќ и Шефер изразија очекување дека тоа ќе се одвива без проблеми со цел Хрватска и Албанија на наредниот самит на Алијансата на пролет, наредната година во францускиот Стразбур и германскиот град Кел да учествуваат како полноправни членки.