1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и Албанија влегуваат во НАТО

Фабиан Шмит9 јули 2008

Советот на НАТО и министрите за надворешни работи на Албанија и Хрватска го потпишаа протоклот за приклучување на двете земји кон НАТО. Церемонијата е сепак засенета со изостанувањето на Македонија.

https://p.dw.com/p/EZ0u
Албанија и Хрватска потпишаа протоколФотографија: picture-alliance/ dpa

Предвидено беше Албанија и Хрватска да влезат во НАТО заедно со Македонија. За таа цел пред осум години САД потпишаа договор за соработка со земјите од Јадранската повелба.

Сепак, патот до НАТО до крај ќе го изодат само Албанија и Хрватска. Македонија не доби покана за членство во април, поради блокадата на Грција. Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, беше видно разочаран: „Македонската делегација денеска го напушта самитот, затоа што условите.... “

САД одиграа клучна улога

И за Хрватска и Албанија улогата на САД во нивното приближување кон НАТО беше од клучно значење. За Хрватска беше одлучна 1995, кога хрватската армија ги окупираше самонаречените српски републики во Хрватска. Оваа операција, при која беа протерани стотици српски граѓани, подоцна доведе до војната во Босна. САД значително ја поддржаа оваа акција и со тоа ги поставија основите за мировната спогодба од Дејтон, документ со кој заврши неуспешниот мандат на мировните сили на ОН и почна оној на НАТО-силите.

За Албанија, пак, важна беше интервенцијата на НАТО на Косово. Во овој случај НАТО не само што беше пресуден за војната, туку и се погрижи за стотиците илјади внатрешно раселени лица.

Сигнал за политичка зрелост

Влезот во НАТО за двете земји не значи само знак за воена безбедност, туку и сигнал за политичка зрелост, додека нивното членство во ЕУ е одложено на неодредено време.

Албанскиот министер за надворешни работи Лјулјзим Баша истакна дека реформите потребни за влез во НАТО не завршуваат само на реформите во одбраната. „Реформите опфаќаат борба со корупцијата, зајакнување на даночната дисциплина, но и намалување на даночните оптоварувања и поголема транспарентност. На тоа се надоврзува и борбата против организираниот криминал. Ова доведе до зголемување на инвестициите, како и зголемување на државните приходи, средства што ги искористивме за инвестиции во инфраструктурата, здравството и образованието. Но, ни овозможи во одбраната да инвестираме и 2 проценти од брутосоцијалниот производ, како што бара НАТО.“

Голем ден за Хрватска

Хрватскиот премиер Иво Санадер, пак, посочи дека самиот НАТО поврзува повеќе, отколку одбраната. „Ова е голем ден за Хрватска, ден на кој и` се признава нејзината зрелост како демократска држава. Да не беше така, немаше да ја добиеме поканата. За мене НАТО не претставува само безбедносна организација, туку и организација на вредности. Вредности како слобода, демократија, правна држава и пазарна економија“.

Со ова се сложи и американскиот претседател Буш на самитот во Букурешт. „Поканата за Хрватска и Албанија е знак на доверба дека ќе продолжат со спроведувањето на реформите и дека ќе дадат значаен придонес за нашата голема алијанса. Ако во иднина овие земји се соочат со закана, НАТО ќе застане покрај нив и нема да дозволи никој да ја загрози нивната слобода“ – изјави Буш.

А за да ја искажат својата лојалност кон Организацијата, и Албанија и Хрватска со години наназад праќаат свои контингенти во повеќе НАТО-мисии, меѓу кои и онаа во Авганистан.