1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрват, Србин или Бошњак - националност по потреба

Вера Солдо
17 ноември 2018

Националната карта во Босна и Херцеговина е многу важна за учество во власта. Зошто, тогаш, за малку власт и добра плата Србинот не би станал Хрват, Бошњакот малку Србин или „Хрват со исламска вероисповед“?

https://p.dw.com/p/37jlj
Sitze im Parlament Bosnien Herzegowinas
Фотографија: DW/V. Soldo

Промената на националноста, вистински босанско-херцеговски феномен, повторно ја бранува и онака немирната политичка состојба во БиХ. Додека по последните избори националните партии бележат уверлива победа, изгледа дека во национално устроената држава националноста може да се бира, менува, пречкртува. Сѐ според потребите за власт и национални квоти.

Повеќе: Демократијата во етно-стапица

„Заспав како Хрват“

Прашањето се најде во фокусот на јавноста откако Горан Опсеница, инаку роден како Србин, се изјаснил како Хрват и станал жупаниски министер од редовите на Хрватите, односно на ХДЗ во Босна и Херцеговина. Но, работите по последните избори малку се искомпликуваа, зашто министерот Опсеница доби мандат во Застапничкиот дом на Парламентот на БиХ предвиден за припадниците на српскиот народ. Неговиот кандидатски картон, кого јавно го прикажа Централната изборна комисија на БиХ (СИП БИХ), јасно го покажува „крстчето“ на националноста „Србин“, но Опсеница категорично тврди дека тој и натаму е Хрват и дека не го исполнил картонот.

Goran Opsenica, ein Serbe der die kroatische Partei HDZ als Kroate vertritt
Горан ОпсеницаФотографија: DW/V. Soldo

„Заспав како Хрват и ќе се разбудам како Хрват“, им ја потврди на медиумите своето национална определба министерот Опсеница. Во целата работа мораше да интервенира дури и претседателот на ХДЗ БИХ, Драган Човиќ, тврдејќи дека Опсеница е определен за хрватската националност.

Додека целиот случај го наметнува сериозното прашање - кој не ја зборува вистината, Опсеница или СИП, што е и повеќе од добра причина за ангажирање на Обвинителството, не престануваат да се појавуваат нови, слични примери.

Повеќе: Босна и Херцеговина - држава со племенска конструкција

Хрват со исламска вероисповед

„Јас од почетокот се пишувам како Хрват и нормално, како што знаете, и во Хрватска и во БиХ има 300.000 Хрвати со исламска вероисповед“, доследен е Едим Фејзиќ, пратеник на Партијата за дијаспора во Домот на народи на Парламентот на БиХ.

Nina Bukejlovic
Нина БукељовиќФотографија: SDS

На Нина Букељовиќ, претседателка на Младината на СДС, која во последно време се изјаснуваше како Бошњакиња, ѝ пропадна мандатот во Народното собрание на Република Српска, затоа што судот ја прифати жалбата со која е докажано дека пред две години се изјаснила како Србинка. Сега СИП БИХ на таа должност мора да именува друг кандидат од редот на Бошњаците.

Уште поинтересен е „случајот“ на Неркез Арифхоџиќ, кој како Бошњак по националност беше амбасадор на БиХ во Турција, како Хрват беше амбасадор во Рим, а во последно време се изјаснува како Босанец.

Секои четири години може нова националност

Во Законот за матични книги во БиХ е одредено дека родителите може, но не мора да ја запишат националноста на детето во матичните книги, но дека детето со стекнување на полнолетството има право да се изјасни за својата националност. Сепак, ниту националноста не може да се менува туку така. Може да се каже дека и тоа има свој „рок“.

„Изборните правила не дозволуваат кандидатите во текот на еден изборен, четиригодишен циклус, да ја менуваат националната припадност и да се изјансуваат поинаку“,вели Максида Пириќ, портпаролка на СИП БИХ, потврдувајќи ја со тоа слободата на национално изјаснување. Но, каде во сето тоа се политичките манипулации?

Bosnien und Herzegowina Parlament der Föderation
Политичарите во БиХ се исти како политичарите во други земји, но имаат повеќе простор за измамиФотографија: DW/V. Soldo

Морален и етички самрак

„Политичарите во БиХ не се ни подобри ни полоши од политичарите во другите држави, но имаат значително повеќе простор за измами, нелегални и неморални работи. Она што мора да им се признае е неверојатната способност за пронаоѓање на секоја дупка во законот и извртување на намерите на законодавецот, надминувајќи ги дури и сите морални граници. Законодавците сакале да им обезбедат застапеност во власта на сите конститутивни народи, па предвиделе и минимални квоти за секој народ. Ним сигурно ни на крај на умот не им била можноста некој поинаку да се претставува одошто навистина е и дека некој поради заземање одредена позиција ќе ја менува својата припадност кон народ, па со тоа и кон религија“, критикува Ивана Мариќ, политичка аналитичарка од Сараево.

Таа изразува разочараност што, како што вели, за очигледни политички манипулации никој нема да биде казнет, ниту пак морално осуден од страна на граѓаните.

„Законодавецот тоа не го предвидел. Очигледно е дека БиХ во недостиг на соодветна казнена политика, занурка во зона на морален и етички самрак. Колку длабоко тонеме покажува и тоа дека претседателите на младината на СДС и на СНСД се изјаснија како Бошњаци за барем на тој начин да влезат во Народното собрание на Република Српска. Ако се присетиме на изреката дека светот останува на младите, лошо ни се пишува“, вели Мариќ и заклучува: „Сограѓаните повеќе би им честитале на досетливоста, зашто многумина би го направиле истото да имале можност.“