БиХ - држава со племенска конструкција
1 март 2017Говорејќи за Босна и Херцеговина 25 години по референдумот за независност, професорот од Бања Лука, Миодраг Живановиќ, констатира дека проблемот кој во одлучувачка мерка го одредува животот на граѓаните на државата е „редукција на ширината и богатството на живеење само на етничка матрица“. „Да не бидам погрешно сфатен, етносот и припадноста кон етносот имаат навистина вистински вредности и исто така заслужуваат почит, но секако не можат да бидат единствени, апсолутни и исклучиви критериуми на нашето постоење. Дејтонскиот мировен договор, како рамка на споменатата редукција, а пред него и оној од Вашингтон, прокламираше оти тука не постоиме како луѓе, туку егзистираме исклучиво како Бошњаци, Срби и Хрвати, па дури и како 'останати'. На тој начин инсталирано е едно племенско, трибалистичко уредување во БиХ. Тоа е темел кој нужно произведува дискриминација“, вели Живановиќ за ДВ.
Означувајќи го Дејтонскиот договор како појдовна и, засега, непроменлива основа за „племенската конструкција“ на БиХ, професор Живановиќ и во оваа пригода предупредува дека дискриминацијата првенствено се манифестира преку ускратување на избирачкото право. Тој потсетува оти, наместо институциите кои би требало да ги претставуваат граѓаните, на сите нивоа се воспоставени „домови на народот“. „На пример, Претседателството на БиХ не е 'шеф на држава', туку специфичен 'народен дом'. Исто е и со Советот на министри на БиХ, кој и не е извршна власт, туку е исто така 'народен дом'. Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ е 'народен дом' кој поради т.н. 'ентитетско мнозинство' за секој акт двапати донесува одлуки“, набројува професор Живановиќ.
Опструкција на врачевите
Досегашните обиди овие аномалии да се поправат, од т.н. Априлски пакет на уставни реформи, до Бутмирскиот процес- пропаднаа. Успешна беше реформата за одбрана, затоа што беше спроведена со интервенција на меѓународната заедница. Одреден напредок е постигнат и во областа на безбедноста и во правосудството, но во Република Српска денес сѐ погласни се барањата за враќање на „изворниот Дејтон“. „Секако, поради тоа, сосема легално е отворен и патот кон зајакнување на етнификацијата. Во племенското општество, политичарите нужно се претворија во врачеви кои работат надвор од иснтитуциите на системот, во т.н. „сива зона“. Сите обиди да се промени таквата состојба пропаднаа, бидејќи токму опструкциите на надрилекарите беа одлучувачки во одбивањето на бројни предлози, од економски реформи па сѐ до Априлскиот пакет“, вели професорот од Бања Лука.
Воените случувања и структурните нарушувања доведоа, и сѐ уште доведуваат, до нарушување во сферата на општествената свест. За тоа, како што вели Живановиќ, во голема мерка придонесуваат и хендикепите во образовниот систем. „Во добар дел и поради тоа просечната состојба на општествената свест во БиХ е - очајување. А на очајувањето нужно му припаѓа и безнадежноста. Отсуството на надеж можеби повеќе и од сиромаштијата и невработеноста доведе до ерозија на нашето општествено ткиво и заминување на луѓето. Токму затвореноста, создавањето етнички чисти територии, обезбеди простор за криминалот, профитерството и сѐ она што припаѓа кон 'сивиот дом' во кој живееме и во кој локалните и меѓународните криминалци без проблем ги зазедоа своите позиции во власта или близу неа. Затоа и сме најсиромашна земја во Европа - и во метафоричка, но и во буквална смисла“, заклучува професор Живановиќ.
ЕУ - единствена реална економска перспектива
Со таква политика, малку кого го изненадува тоа што економијата во БиХ има релативно ниска стапка на раст со висок степен на државен интервенционизам. „Последователно, тоа генерира низа економски проблеми, како невработеност, буџетска и социјална нестабилност и тенденции на должничко ропство. Економската политика во теорија е либерална, додека во пракса се манифестира низ екстрактивни институции чиј ефект е запирање на развојот на реалниот сектор, поради чување на социјалниот мир и одржување на огромен државен апарат. Поради тоа не е чудно што најздравиот дел на економијата на БиХ е оној над кој немаме контрола - парите, односно, конвертибилната марка“, вели за ДВ економскиот аналитичар од Тузла, Адмир Чавалиќ. Тој потсетува дека економијата во БиХ е заложник на вештачките политички конфликти, поради што поважните економски реформи во изминатите 25 години се спроведени со спонзорство и притисок на меѓународната заедница- од воведувањето на конвертибилната марка, преку ДДВ-то, па сѐ до Реформската агенда.
„Следејќи го економскиот раст, разликуваме повеќе етапи на повоената економија. По почетната, која оствари двоцифрена стапка на раст, на почетокот на новиот милениум следуваше стабилизирање. Големиот пад од 2009 во пошироката јавност се манифестираше дури во 2014 година преку т.н. Февруарски процеси, кои на најлош начин ја прикажуваат невозможноста за подобрување на домашната економија. Последната етапа подразбира актуелни напори на меѓународната зедница преку сеопфатни економски реформи во БиХ да се направи обид за поставување на темели за развој на здрава пазарна економија. Треба да се спомене дека во 2006 година, кога се воведе ДДВ, се заокружи единствениот економски простор. Интересно е да се спомене и оти прогресот не е рамномерно распореден, бидејќи РС секоја година сѐ повеќе заостанува зад Федерацијата БиХ“, вели Чавалиќ, нагласувајќи дека единствена реална економска преспектива останува ЕУ. „ЕУ диктира либерални мерки кои на долг рок имаат за цел да го зајакнат домашниот пазар и да го укинат монополот во државата односно политичките моќници во економијата“, истакнува Чавалиќ.
Приказната за референдумот и Денот на независноста на Босна и Херцеговина се политизира и денес. На военото минато се гледа од национална перспектива, според која за судирите се секогаш виновни „другите“. Историските факти не се почитуваат, а правните процеси се оспоруваат. Меѓу тие факти се и резултатите од референдумот - 64 насто од граѓаните од сите националности се изјаснија за независност на БиХ. За 25 години независност земјата ја признаа 173 земји. На 22 мај 1992 година државата е примена во полноправно членство во Обединетите нации, а денеска е членка на 90 меѓународни организации.