1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Утре ден на жалост по смртта на претседателот Глигоров

2 јануари 2012

Почина Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. 95-годишниот Глигоров починал синоќа во својот дом, во сон. Беше на чело на државата во клучните моменти кога се одлучуваше иднината на Македонија

https://p.dw.com/p/13csJ
Киро ГлигоровФотографија: Petr Stojanovski

„Глигоров почина во неделата во неговиот дом во Скопје, во сон, опкружен со неговото семејство“, изјави шефот на кабинетот на експретседателот Живко Кондев.

Македонската влада утрешниот ден, 3 јануари, го прослави за ден на жалост по смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров.
Погребот на Глигоров ќе биде извршен утре во 13 часот во Алејата на великаните на гробиштата во Бутел.

Киро Глигоров беше првиот Претседател на Република Македонија, функција која ја извршуваше во два мандати од 1991-ва до 1999-та година. За претседател на РМ беше избран на 27 јануари 1991-ва година од страна на Собранието на Република Македонија, а по втор пат на 19 ноември 1994-та на претседателски избори. Функцијата претседател на Републиката ја вршеше до 19 ноември 1999-та година.

Атентатот остана неразјаснет

Во текот на своите два мандати ја промовираше политиката на „eквидистанца" кон сите соседи на земјата: Србија, Бугарија, Грција и Албанија. За време на неговиот мандат се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија: од референдумското прогласување на независноста на 8 септември 1991-ва година, преку донесувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991-ва, па се до приемот во Обединетите нации на 8 април 1993-та година.

На 3 октомври 1995 година врз Глигоров беше извршен атентат во центарот на Скопје. Во нападот загинаа возачот на Глигоров и еден случаен минувач, а македонскиот претседател претрпе тешки повреди по кои остана и без едно око. Извршителите на атентатот никогаш не беа пронајдени.

Киро Глигоров е роден во Штип на 3 мај 1917-та. По Втората светска војна извршувал и голем број високи функции во Владата на СФР Југославија. Меѓудругите, бил и заменик претседател на Сојузната Влада, како и секретар за финансии.

Автор: БГ/ЖА
Редактор: Александра Трајковска

Kiro Gligorov
Фотографија: MIA
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема