Црвенковски: Глигоров одигра грандиозна улога
2 јануари 2012Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, во писмената изјава по смртта на првиот претседтел на Македонија Киро Глигоров истакнува дека: „Претседателот Глигоров претставуваше глас на разумот на само во Македонија, туку и во целиот регион и тоа тогаш кога насекаде околу нас владееше националистичко лудило и се водеа крвави етнички војни. Благодарение најмногу на него и на неговата политика Македонија стана независна и меѓународно призната држава по мирен пат, без жртви и крвопролевање“, подвлекува Црвенковски.
Претседателот на СДСМ истакнува дека Глигоров беше првиот што се залагаше за идејата за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО.
„Ниту една друга личност во овие 20 години немала во истовреме таква подршка од граѓаните на Македонија и таква меѓународна почит и уважување. Стара изрека е дека историјата ја пишуваат победниците. Но, нема такви победници кои можат да ја избришат грандиозната улога на Киро Глигоров во историјата на македонскиот народ и македонската држава.“
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопшти дека по повод смртта на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, ќе отвори Книга на жалост, во седиштето на партијата во Скопје и во општински организации во Македонија. Во чест на претседателот Глигоров, СДСМ утре ќе одржи и Комеморативна седница, а знамињата пред сите седишта на партијата се спуштени на пола копје.
Автор: СДСМ/ АТ
Редактор: Борис Георгиевски