Уапсена испраќачката на отровното писмо до Трамп
21 септември 2020Жена, која наводно го испратила писмото со отровот рицин до Белата куќа, е уапсена на американско-канадската граница, објавија американските медиуми синоќа. Осомничената се обидела да ја премине границата во американската сојузна држава Њујорк и да влезе во САД, доаѓајќи од Канада, но била приведена од страна на американските цариници и граничната полиција, објави СиЕнЕн.
Се очекува таа да вложи жалба, соопштил полициски претставник за новинската агенција АП.
Писмото за кое се тврди дека содржи смртоносен отров било адресирано до американскиот претседател Доналд Трамп. Во саботата тоа било пресретнато од страна на службениците за безбедност кои се грижат за проверка на пристигнатите пратки. Првичните тестови на ФБИ биле позитивни откако на писмото е извршена проверка за присуство на отрови од групата рицинус. Во случајот нема повредени лица.
Отровната супстанција рицин која се добива од семето на растението рицинус може да предизвика повраќање, внатрешни крварења и откажување на работата на органите доколку биде голтната, вдишена или инјицирана. Не постои средство кое може да се употреби против неа.
Слични писма биле испратени до органите на прогонот во Тексас, вклучувајќи затвор и канцеларија на шерифот. Заедничка работна група за борба против тероризмот во Вашингтон започнала истрага со помош на њујоршката полиција и Кралската канадска коњаница.