1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турнејата на Меркел во знак на позитивните пораки

Ивица Петровиќ/сн9 јули 2015

Ѝ дава ли посетата на канцеларката Ангела Меркел дополнително политичко значење на Србија? Пораките кои канцеларката ги упати во Белград- можеби се и неочекувано позитивни, сметаат српските аналитичари.

https://p.dw.com/p/1FvR3
Фотографија: Reuters/M. Djurica

По заедничките изјави пред почетокот на официјалните разговори, се стекна впечаток дека Белград сега е во многу поповолна позиција отколку што беше пред 4 години за време на тогашната посета на Ангела Меркел на Србија. Германската канцеларка сега повтори оти Западниот Балкан има европска перспектива и посебно го нагласи значењето на Србија за стабилност на регионот.

„Многу ја цениме подготвеноста на компромиси која Србија ги покажа за време на преговорите со Приштина и тоа ќе го земеме во предвид за време на одлучувањето за отворање на поглавјето за преговорите за членство во ЕУ“, нагласи Меркел, што за белградските медиуми беше јасен сигнал дека „Србија може да смета на поддршка од Берлин“.

Како и што се претспоставуваше, дијалогот меѓу Белград и Приштина очигледно бил една од клучните теми за време на посетата на Меркел, но истотака како многу важни се спомнати и економските теми, како и проблемот со мигрантите. Ангела Меркел истакна дека мерките на штедење на српската влада даваат резултати, како и оти Србија и соседните земји можат да очекуваат германска помош во решавање на проблемите со мигрантите, кои Србија ја користат како транзитна земја.

Deutschland Serbien Angela Merkel zu Besuch in Belgrad
Германската канцеларка Ангела Меркел и српскиот премиер Александар ВучиќФотографија: Reuters/M. Djurica

Позитивни тонови од Германија

Посетата на Меркел на Белград исклучително позитивно е интонирана, оценува за ДВ Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика. „Мислам дека попозитивна квалификација за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина во овој момент не можевме да добиеме. Подобра формулација би можела да биде само дека преговарачките поглавја се отвараат, но тоа не се одлучува на вакво место и во ваков формат. Но, сега мислам оти е реално до крајот на годината да бидат отворени преговарачките поглавја. Економијата, која беше втора тема за време на обраќањето пред медиумите, истотака беше пофалба за Белград, и на некој начин беше антипод на она што во моментов се случува со Грција. Секако, важно е да се нагласи дека германската канцеларка дојде на Балканот во тешки моменти за ЕУ, така што мислам поракате гласи дека Германија и ЕУ ја држат отворена преспективата за натамошни европски интеграции на регионот“, вели Јоксимовиќ.

„Мислам дека со оваа посета Германија сака дополнително да ја стабилизира ситуацијата на Балканот, и на тој начин да ја засили и својата позиција, која е доведена на некој начин во прашање по се’ што се случува со Грција, која многу го наруши авторитетот како на Германија така и на ЕУ“, смета аналитичарот Бранко Радун. Србија сега во однос на тоа делува како еден позитивен пример, и изгледа дека Србија тоа може да го искористи преку инвестиции, или со добивање зелено светло за отворање на преговорите со ЕУ, а тоа сега изгледа поблиску отколку кога било“, вели политичкиот аналитичар Бранко Радун.

Србија добива на политичко значење?

Дијалогот меѓу Белград и Приштина сега е практично блокиран од албанска страна, која пред се’ стравува од формирање на суд за воени злосторства на припадниците на УЧК, вели Радун. Сега очигледно на сите им е јасно дека тоа не е поради Србија, и мислам оти ситуацијата се смени затоа што Приштина веќе нема отворен кредит и бланко поддршка. Секако, тоа не значи дека сега Германија ќе биде во целост на страна на Србија, бидејќи тој однос на западните земји кон Србија е ист веќе со децении. Меѓутоа, мислам оти ако се набљудува некоја поширока слика дека Србија сега станува (некако) поважно место на политичката карта на Балканот и на Европа, смета Радун: „Поради тоа мислам дека не е случајна ни дводневната посета на Меркел на Белград. Ми изгледа оти нешто се менува во тој досегашен пристап во целост да се загрозуват или игнорираат и српските национални и политички интереси. Ако забележиме во ист ден имавме посета на Меркел и отфрлање на британската резолуција за геноцидот во Сребреница во Советот на безбедност на ОН. Можеби е претерано да се каже дека се тоа две победи за Белград, но тие некако им даваат на тежина на Србија и на Белград. Ако на тоа се додаде фрустрацијата со Грција, тогаш Србија има шанса да се позиционира како точка на стабилност на овие простори и како партхер на кој може да се смета“, вели Радун.

Angela Merkel Kanzerlin Besuch Tirana Albanien Premierminister Edi Rama
Албанскиот премиер Еди Рама и канцеларката Ангела МеркелФотографија: Reuters/A. Celi

Позитивни пораки и регионот

„Имам впечаток дека целата балканска турнеја на Ангела Меркел е во знак на позитивни пораки, бидејќи слични пораки можевме да слушнеме и во Тирана“, вели директорката на Центарот за наворешна политика. „Во тој смисол најмногу ме интересира каква ќе биде денеска пораката во Сараево, односно дали ќе се најдат позитивни зборови и за она што се случува во Босна и Херцеговина. А знаеме оти Германија исто така вложува големи напори и БиХ со сигурни чекори да тргне во понатамошни процеси кон европски интеграции“, вели Александра Јоксимовиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема