1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел на Балканот - за секого по нешто?

Обработка: СН8 јули 2015

Каква е состојбата на Балканот спроти посетата на германската канцеларка Ангела Меркел? Медиумите на германски јазик се осврнуваат на ситуацијата во Албанија, Босна и Херцеговина, Србија...

https://p.dw.com/p/1Fv7Q
Фотографија: Reuters/A. Celi

Бројни германски медиуми, од угледниот „Ханделсблат“ до локалниот „Валсродер цајтунг“, во текстовите за посетата на канцеларката Ангела Меркел на Балканот, се потпираат на извештајот на германската новинска агенција ДПА во кој стои дека, и покрај напредокот, по распадот на Југославија во граѓанската војна во 90-тите на Балканот и натаму се закануваат бројни кризи. Се споменува оти политичарите од Република Српска повторно се закануваат со отцепување на ентитетот, дека во Албанија, една од најсиромашните земји во Европа, царуваат корупција и криминал, додека за Србија пишува оти таму „тлее постојаниот конфликт околу поранешната покраина Косово. Посредувањето на ЕУ во спорот околу интеграцијата на српското малцинство во оваа држава - во која живеат претежно Албанци - пропадна на крајот на јуни бидејќи двете страни имаа максималистички барања“.

Во австрискиот „Виртшафтсблат“ новинарот Крсто Лазаревиќ им ја приближува на читателите ситуацијата во Србија, наведувајќи дека, според актуелната анкета, Србите повеќе се залагаат за добри односи со Русија отколку за пристапување кон ЕУ. „Србија зависи од рускиот гас и нафта. Газпром практично има монопол на српскиот пазар што ја прави Русија важен економски партнер. Сепак, најважни трговски партнери се земијте од ЕУ - многу поважни од Русија се Германија, Италија и соседните земји, членките на ЕУ. НАТО, поради бомбардирањето во 1999. година, не е омилен. Но кој им помогна на луѓето во Србија кога земјата пред една година страдаше од последиците од поплава? Хуманитарната и техничката помош стигна пред се’ од ЕУ и Обединетите Арапски Емирати (...) Србите мора да одлучат дали во иднина сакаат да го подигнат животниот стандард или да се ориентираат кон Русија врз темелите на застарените национални митови.“

Во левичарскиот берлински весник „Јунге велт“ е објавен гостинскиот коментар на Севим Дагделен, пратеничка на партијата на Левицата во германскиот Бундестаг. Таа пишува дека Ангела Меркел на Балканот му носи секому по нешто: на Србија и Албанија забрзување на пристапот кон ЕУ, а на БиХ барем приближување. Понатаму се наведува оти сличен став кон Балканот на Берлинскиот конгрес во 1878. година имал Ото фон Бизмарк со цел да ги протера руските и турските влијанија и да овозможи австроунгарска окупација на Босна. „Речиси 140 години подоцна имаме барем една константа: цел е влијанието на Русија на Балканот повторно да се сведе на минимум преку процесот на евроинтеграција. Затоа на канцеларката и‘ е трн во око тоа што Србија досега одбиваше да воведе санкции кон Русија. Меркел во Белград ќе стави до знаење дека за пристапување кон ЕУ постојат два услова: спротивно на меѓународното право да ја признае независноста на Косово и да се придружи кон курсот на ескалација кон Русија.“

Дагделен пишува дека таквите барања од Белград не можат да поминат без закани, бидејќи во моментов само 44 проценти од населението во Србија го поддржува пристапувањето кон ЕУ, додека 61 процент е заинтересиран за продлабочување на добрите односи со Русија. „Затоа канцеларката нема да ја земе предвид ни критиката на сметка на големоалбанскиот проект чиј центар е Косово, а чии цели се делови од Србија, Црна Гора, Македонија и Грција. А кој само ќе се осмели да укаже на злосторствата на УЧК се соочува со закани со смрт од албанските националисти или е етикетиран како српки националист. Веќе 16 години на Косово се наоѓаат трупи на НАТО и на Бундесверот. Оттогаш поранешниот кадар на УЧК владее во земјата. Животниот век таму е 7 години покус во однос на останатите балкански земји. Берлин флертува со Приштина, иако Косово е водечка земја по бројот на исламистички терористи кои заминуваат во Сирија. За обидите Косово да го дестабилизира регионот намерно се молчи.“

На крајот левичарката Дагделен наведува оти грчкото НЕ на Сојузната влада во Берлин и на Тројката даваат надеж дека луѓето на Балканот исто така ќе кажат НЕ на политиката на закана. „Постои надеж оти луѓето нема да им поверуваат на националистите чија цел е да ги искористат едни против други. Социјалните права и демократскиот суверенитет можат да бидат одбранети само со одбивање на моќните тежнеења на германскиот капитал и неговите трговски патници - а никако ако се согласат со нив.“