1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За што ќе врши притисок Меркел на Балканот?

Е.М. Фиданоска / bundesregierung.de/ртр7 јули 2015

На прв поглед е изненадувачки што германската канцеларка во неделата на одржување на грчкиот референдум патува за Западен Балкан. Но, има и други исто толку тешки, ако не и потешки проблеми од долговите на една земја.

https://p.dw.com/p/1FtDV
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

И германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на социјалдемократите Зигмар Габриел во изминатите денови нагласија дека при сета драматика околу должничките проблеми на една земја со 10 милиони жители, има и други тешки, ако не дури и потешки проблеми. Двајцата притоа ја споменаа бегалската криза. А најмалку два други проблеми ќе играат улога за време на турнејата на канцеларката на Западниот Балкан во среда и четврток - влијанието на Русија и опасноста од радикалниот ислам. Сите ќе бидат тема и на конференцијата за Западен Балкан во август, во Виена, на која ќе присуствуваат голем број шефови на влади на ЕУ. Уште во август минатата година германската влада покани учесници на ваква една регионална конференција во Берлин. Зад сите напори кои се вложуваат за напредок на регионот, се крие сознанието колку се опасни се‘ уште постоечките национални конфликти.

Во Србија Меркел мора да се занимава со тема која е на врвот на европската агенда со грижи од почетокот на украинската криза - владата во Москва се обидува да го зајакне влијанието врз традиционалните сојузници на Балканот, за да го торпедира нивното приближување кон НАТО и ЕУ, се вели од кругови на владата во Берлин. Тоа пред се‘ се однесува на Србија и Црна Гора. Од 2014 година расте сознанието дека поради тоа овие земји не смеат да се препуштат самите на себеси. Меркел во Србија, меѓутоа, ќе врши притисок и за брз напредок во разговорите околу српското малцинство на Косово. За тоа веќе водеше разговори со косовскиот премиер Иса Мустафа во Берлин.

Бегалски бранови и транзит

Втора тема е прашањето на бегалците. Експлодира бројот на баратели на азил од држави како Косово, Србија или Албанија. Овие бегалци, меѓутоа, немаат шанса за азил во Германија. Затоа во ЕУ е во тек дебатата околу тоа овие земји да бидат прогласени за „сигурни земји на потекло“, што значително ја скратува постапката за азил. Меркел од земјите во регионот бара да преземат мерки за да ги спречат луѓето да заминуваат за северна Европа. Притоа, особен проблем е дискримианцијата на Роомите во многу држави. „Дискриминација се‘ уште постои и таа тема ќе ја отворам за време на мојата посета“, рече Меркел во однос на Србија во својот видео-подкаст од викендот.

Дополнителен проблем е што земјите од Западен Балкан истовремено се и транзитни земји за бегалците од Блискиот Исток. Дневно стотици, понекогаш и илјадници бегалци минуваат низ нив во насока кон ЕУ. Државите се преоптоварени со овој проблеми не можат да излезат на крај со него.

Опасност од радикалниот ислам

Пред се‘ во Албанија и Босна и Херцеговина тоа се меша со еден друг проблем. Западните тајни служби со растечка загрженост посматраат како меѓу муслиманите се шири радикалниот ислам. Придонес за тоа даваат и економските проблеми. Во Косово, Албанија и Босна и Херцеговина има многу доброволци кои заминуваат за Сирија и Ирак за да и‘ дадат поддршка на Исламска држава. Се‘ поголем број од нив се враќат како фанатизирани борци во своите татковини. Освен тоа, постојат предупредувања дека борци на Исламска држава во ЕУ доаѓаат како бегалци.

ЕУ сака повторно да понуди перспектива

Затоа Меркел и голем број нејзини колеги се решени да не го оставаат регионот сам на себе. „Секое назадување во една држава од Западниот Балкан може да има последици за соседните земји“, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во мај, по ескалацијата во Македонија. Освен тоа, Македонија е силно погодена од грчкиот финансиски хаос, поради тоа што атинските банки играат голема улога во таа земја. Затоа, ЕУ сега засилено бара меѓусебна трговија и надгранични инфраструктурни проекти на Западниот Балкан. На тој начин би требало да се родат лојалности и заеднички интереси со што би се спречувале нови конфликти.

Меркел во Босна и Херцеговина ќе побара реформи. Застојот во земјата досега спречуваше воопшто да биде поднесено барање за прием на БиХ во ЕУ.

Сето тоа за италијанскиот премиер Ренци не е доволно. ЕУ мора јасно да каже дека по повеќе години умор од проширувањето сега сака да прими нови членки. Само ваков изглед им помага на владите да спроведуваат дури и болни реформи. Кои две држави би требало да бидат следни, Ренци кажа веднаш: Србија и Албанија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема