Судири на локалните избори во Турција
30 март 2014Во местата Гелбаси, во провинцијата Хатај и Јувачик, провинцијата Шанлурфа, меѓусебно се судриле приврзеници на различни кандидати, известува СиЕнЕн за Турција, при што загинале осум лица, а најмалку 14 се ранети. На денешните локални избори гласачите не се изјаснуваат „само“ за градоначалничките функции, туку резултатот ќе влијае и врз политичката иднина на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Се‘уште не се знае дали 60-годишниот премиер ќе се кандидира за претседателските избори во август. Со денешното гласање тоа прашање можеби индиректно ќе го одговорат околу 53-те милиони турски граѓани со право на глас.
По 11 години на власт Ердоган ја промени Турција како ретко кој државник пред него: економски развој, кандидатура за членство во ЕУ, важни трговски партнери на Блискиот Исток, сето тоа се случи во време на неговиот мандат. Но, со својата политика турскиот премиер не се здоби само со пријатели, туку стекна и бројни непријатели, посебно во последните месеци. Опозицијата дури го нарекува диктатор.
Ердоган, кој потекнува од сиромашно семејство и успеа од истанбулскиот проблематичен кварт Касимпаса да стигне до челна позиција, својата кариера ја почна пред точно 20 години како градоначалник на метрополата на Босфорот. Со спектакуларни проекти во Истанбул и другите тусрки градови, актуечниот премиер сака на целиот свет да му го предочи турскиот подем. Во нив спаѓа и истанбулскиот аеродром, кој треба да стане најголем во светот. Во изградба е нов мост преку Босфорот, а во функција нов железнички тунел под Мраморното Море.
Но, популарноста на Ердоган ја нагриза првенствено бруталниот однос на полицијата кон демонстрантите кои летоска протестираа против градежен проект во истанбулскиот парк Гези, што предизвика масовни протести и смрт на осум луѓе. Ердоган си создаде непријатели и преку неодамнешната забрана за ЈуТјуб и Твитер, платформи преку кои се ширеа критиките против него поради корупциската афера, во која беше вмешано и неговото и името на неговиот син Билал. Против Ердоган се сврте и неговиот поранешен партнер и поддржувач од исламските кругови, Фетулах Ѓулен, кого турскиот премиер го обвинува дека стои зад ширењето на обвинувањата за корупција. Како одговор, политичарот на Партијата на правдата и развојот премести илјадници осомничени следбеници на Ѓулен од полицијата и судсскиот апарат и ја зајакна контролата на владата во нив. Сегашните комунални избори затоа важат за тест за расположението на народот, за или против Ердоган. Од 2002 година неговата исламско-конзервативна партија АКП ги доби сите избори во Турција. Пред денешното гласање Ердоган изјави дека секој резултат под границата од 38,8 проценти, колку што доби АКП на локалните избори во 2009 година, ќе го смета за пораз. Резултатите на изборите се очекуваат утре.