1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судбински избори за Ердоган

Томас Зајберт / Елизабета М. Фиданоска29 март 2014

Турските локални избори се повеќе од избор на градоначалници и совети на општините. По безредијата во Истанбул, корупцискиот скандал и блокадата на Твитер и Јутјуб, Турците со својот гласе се изјаснуваат и за премиерот.

https://p.dw.com/p/1BXj8
Фотографија: picture-alliance/RIA Novosti/dpa

Дали Реџеп Таип Ердоган ќе излесе засилен или ослабнат по овие избори, во голема мера се одлучува во Истанбул, 15-милионска метропола, каде премиерот пред точно 20 години ја започна својата кариера со функцијата градоначалник. Ако неговата партија АКП го загуби мнозинството во Советот на огромниот град на Босфор, тоа ќе биде тежок удар за 60-годишниот премиер.

Мустафа Сариѓул е човекот кој сака да го нанесе тој удар. Градоначалникот на богатиот истанбулски кварт Сисли настапува како кандидат во Истанбул на секуларната опозициона партија ЦХП против партискиот пријател на Ердоган и актуелен градоначалник Кадир Топбас. Анкетите предвидуваат тесен резултат. Сариѓул ветува дека ако победи ќе воведе бесплатен интернет на територија на цел град и бесплатно користење на јавниот превоз за студентите - јасен знак дека 57-годишникот сака на своја страна да ја привлече младата генерација. Ердоган го нарекува Сариѓул - „анархист“.

Жестоки вербални удари

Во турските изборни кампањи политичарите секогаш употебуваат релативно тешки зборови, но сегашната кампања дури и за турски услови беше невообичаена. Шефот на ЦХП Кемал Киличдароглу го нарече Ердоган „супер крадец“, премиерот пак ги обвинува своите противници дека создале „терористичка организација“ за соборување на владата.

Обвинувањата за корупција од последниот период му нанеоса големи штети на Ердоган. Речиси секојдневно на интернет се појавуваат нови снимки од телефонски разговори кои ги ставаат во незгодна позиција него и членовите на владата. Понекогаш станува збор за поткуп, некогаш за притисок врз медиумите. Премиерот смета дека станува збор за заговор „скроен“ од движењето на исламскиот свештеник Фејтулах Ѓулен.

Како одговор на обвинувањата за корупција Ердоган премести неколку илјади полицајци, судии и обвинители кои важеле како приврзаници на Ѓулен. Освен тоа, тој го блокираше пристапот до Твитер и платформата Јутјуб. Неговите приврзаници во ваквите чекори гледаат неопходни мерки за заштита на државата, додека противниците гледаат напади врз демократијата и знаци на паника на еден се‘ поавторитарен политичар на власт.

Wahlen in der Türkei
Локални избори како референдумФотографија: picture-alliance/dpa

Локални избори како референдум

Фети Ачикел, професор по политика на универзитетот во Анкара, зад постапките на Ердоган препознава една прецизно пресметана стратегија. Од порестите во паркот Гези минатото лето премиерот се обиде со помош на „контролирани тензии“ во општеството да ја постигне својата цел - претседателски систем во Турција, вели Ачикел за Дојче веле.

Но од планот не излезе ништо. Наместо тоа, се‘ повеќе Турци му вртеа грб на премиерот, на протестите во паркот Гези живото го загубија осум лица, поларизацијата се зголемуваше. Обвинувањата за корупција ја заострија климата дополнително поради тоа што на виделина исфрлија дотогаш непознати димензии на претпоставуваните темни страни на АКП. „Затоа овие избори станаа во некоја рака референдум за или против непотистичката, корумпирана и авторитарна политика на АКП“, вели Ачикел.

Никој не очекува тензиите да ги снема по денот на избори. Ачикел, напротив, смета дека ќе има и други аномалии, барем до претседателските избори во август. Во моментов е непознато дали Абдула Ѓул, кој минатата недела се‘ повеќе се дистанцираше од неговиот стар сопатник Ердоган, ќе се кандидира повторно за оваа функција или можеби Ердоган лично ќе се кандидира.

Türkei Erdogan Wahlkampf
Планот на Ердоган не се оствари, велат аналитичаритеФотографија: picture-alliance/AP

Сценарија за денот по избори

Одговорот на ова прашање е тесно поврзан со исходот од локалните избори. Според истражувањата на јавното мислење, АКП има доверба на 35 до 45 проценти од избирачите, поради тоа што и натаму ја има својата конзервативна база зад себе. Тоа значи дека останува најсилна партија, но во споредба со парламентарните избори во 2011-тата, кога освои речиси 50 проценти, сега би загубила 5 до 15 проценти гласови. Ердоган го смета за успех секој резултат кој ќе биде подобар од резултатот на локалните избори во 2009-тата, кога АКП имаше освоено 38,8%.

Ако АКП падне под тој праг и загуби во важните градови како Анкара или Истанбул, веројатно нема да биде ништо од претседателските амбиции на Ердоган. Неговите противници го знаат тоа и на интернет повикуваат, на пример во Истанбул, сите опозициски гласови да му бидат дадени на кандидатот на ЦХП Сариѓул.

Според мислењето на набљудувачите, во самата АКП се зголемува отпорот против курсот на Ердоган. Има „тивка опозиција“ во рамки на владејачката партија, која во моментов е скриена, вели авторот и колумнист Мустафа Акијол за ДВ. Само ако се намали личниот рејтинг на Ердоган кај стабилното гласачко тело на АКП, може да се замисли некаков „преврат на дворот“ против 60-годишникот.