Стапот за Западниот Балкан, морковот за Северна Африка
24 мај 2011Европската Комисија ќе воведе заштитен механизам во случај на понатамошно нарушување на безвизниот режим, поради големиот број лажни азиланти кои пристигнуваат во земјите од ЕУ од Србија и Македонија. Наспроти најавената казна за земјите од Западниот Балкан, Европската комисија одлучи да го намалува бранот илегални имигранти од Северна Африка со поблаги мерки, односно со понуда за отворање на границите за квалификувана работна сила од овие земји, во замена за спречување на бранот илегални имигранти.
Европската комесарка за внатрешни работи Сесилија Малстрем денеска соопшти дека предлогот не е насочен кон ниту една земја и не значи воведување на визи по автоматизам. Таа го опиша како механизам кој треба да осигура непречено функционирање на безвизниот режим, кој ќе се активира само во краен случај.
Малстрем се надева дека мерката нема да биде употребена
„Овој механизам е за во иднина. Ќе постои за да осигура дека ако има проблеми од поголеми размери, привремено да се суспендира слободниот визен режим, откако сите други мерки ќе бидат испробани. Не е насочено кон ниту една одредена земја. Се надевам дека никогаш нема да биде употребено, но мислам дека е неопходно да се осигура интегритетот на системот и да ни овозможи да одиме напред кон понатамошни визни олеснувања и нивно укинување“, рече Малстрем на прес-конференција во Брисел.
За повторното воведување на визите, земјите-членки нема да можат да одлучуваат индивидуално, туку со механизмот се посочени соодветни процедури на ниво на унијата.
„Нема да има автоматизам. Никоја земја нема да може самата да донесе одлука во тој поглед. Ќе мора да се исполнат различни процедури што ги наведовме во предлогот и кои веднаш ќе им ги доставиме. Тоа мора да биде одлука што ќе се донесе во крајна нужда откако се друго било пробано“.
Малстрем рече дека во случајот со напливот на азиланти од Србија и Македонија во последниот период има мали подобрувања, иако проблеми се уште постојат.
Предлогот на Малстрем треба да биде одобрен од владите на земјите-членки на Унијата, како и од европскиот парламент.
Границите во Шенген-зоната нема да се враќаат
И покрај најавите, еврокомесарката не предложи мерки за олеснување на условите за повторно воведување на гранични контроли во Шенген зоната, наспроти барањето на Франција и Италија, кои се соочени со бран имигранти од Северна Африка и Азија. Наместо воведување ваква остра мерка, Европската Комисија одлучи да им понуди на северно-африканските земји отворање на границите на ЕУ за обучена работна сила во замена за гаранции дека ќе биде запрена илегалната имиграција.
Лидерите на земјите-членки на Унијата ќе дискутираат за миграциската и имигрантската политика на самитот закажан за 24 јуни во Брисел.
Автор: Борис Георгиевски/дпа/макфакс
Редактор: Горан Чутаноски