1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разнишани темелите на ЕУ

16 мај 2011

Покрај кризата на еврото, темелите на ЕУ почна да ги разнишува и најавата за повторно воведување гранични контроли меѓу земјите од Шенгенскиот простор.

https://p.dw.com/p/11HDS

Весникот „Минхенер меркур“ потсетува дека проблеми со слободата на движење во Шенгенскиот простор имаше уште во случајот со бегалците од Либија, кога спорот се одвиваше меѓу Италија и Франција. Во статијата понатаму читаме:

„Сега и Данска, поттикната од десно-популистичката партија ДВП, најави враќање на постојаните гранични контроли со Германија и Шведска. Тоа е кршење на духот од Шенгенскиот договор, со кој постепено беа отстранети контролите - придобивка што многу ја ценат граѓаните на Европа. Владите на европските земји не смеат да покажат слабост во оваа ситуација, туку треба решително да ја бранат слободата на движење на нивните граѓани“, бара весникот „Минхенер Меркур“.

„Меркише одерцајтунг“, на истата тема забележува:

„Повиците за враќање на граничните контроли се појавија токму во европската недела. Притоа, токму укинувањето на граничните контроли се сметаше за највидлива придобивка од обединувањето на континентот. Во меѓувреме, човек се прашува: каде исчезнале Европејците. Наместо да ги бранат заедничките идеали, бројни политичари порадо попуштаат под притисокот на популистичките пароли и барања за одвојување од Европа и за заштита на ситните национални интереси. Меѓу нив за жал се вбројува и германскиот министер за внатрешни работи“, смета „Меркише одерцајтунг“.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во „Ноје оснабрикер цајтунг“ читаме:

„Прво еврото, сега отворените граници - во моментов се тресат темелите на европското обединување. Во обата случаи ситуацијата е драматична, но во случајот на Данска потегот предизвикува и гнев, бидејќи станува збор за потег од внатрешно-политички мотиви. Десните популисти сакаат да покажат колку се силни. Интересна е ситуацијата во која Данците ја ставија германската влада, бидејќи не и` најавија претходно што планираат. Тие го ставија во незгодна позиција и германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих. Тој, имено, претходно заработи симпатии кај неговите избирачи на југот на Германија, кога се заложи за построги контроли, поради заканата од поплава на бегалци од Либија преку Италија. Но, кога нему како Германец му беше скратена слободата на движење кон северот, кон Данска, тогаш министерот почна да застапува поинакви стандарди“, коментира „Ноје оснабрикер цајтунг“.

Австрискиот „Ди пресе“, пак, заклучува:

„Проектот Европска унија се наоѓа во тешка криза. Тука веќе нема ништо модерно. Модерни станаа назадувањето во процесот на обединување и враќањето кон националните корени. Со такви заложби не се пројавуваат само партии од десниот спектар, тоа стана практично општо мнение во Унијата. И бидејќи таквото раширено мнение е проследено и со конкретни проблеми во рамките на ЕУ, заедничкиот проект Европа веќе ни се излизгува од рака. Данска со најавеното враќање на граничните контроли е само пример за она, што наскоро би можело да се случува во повеќе земји-членки“, смета весникот „Ди пресе“.

Автор: „Минхенер меркур“, „Меркише одерцајтунг“, „Ноје оснабрикер цајтунг “, „Ди пресе“

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска