Бразил: Смртоносни поплави и свлечишта
16 февруари 2022Најмалку 18 лица загинаа во поплавите и свлечиштата предизвикани од силните дождови во бразилскиот град Петрополис, 70-тина километри северно од метрополата Рио де Женеиро, потврдија од пожарникарната служба на бразилската сојузна држава Рио де Женеиро.
Властите стравуваат дека бројот на жртви би можел да биде и поголем.
За само 6 часа во Петрополис падна 260 милиметри дожд, што е повисоко од просекот за целиот месец февруари, па е прогласена вонредна состојба, а гувернерот на државата, Клаудио Кастро, отпатува во погоденото подрачје за да ја искаже својата поддршка на настраданото население.
Државната пожарникарна служба соопшти дека над 180 војници веќе делуваат во погодениот регион на Петропилис, каде во 2011 година по катастрофалните поплави настрадаа стотици луѓе.
Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро, кој се наоѓа во официјална посета на Русија, на Твитер побара од своите министри „итна помош за жртвите“.
Дождот запре на погоденото подрачје, меѓутоа според податоците на градските власти прогнозата е дека во наредните неколку часа повторно ќе паѓа „слаб до умерено слаб дожд“.