Случај Озил: Лесна и убедлива победа на Ердоган
25 јули 2018Еден од темелите на социјалната економија е т.н. „анализа на трошоци и добивки“. Накратко, тоа е инструмент за да се утврди дали исходот на една активност го оправдува напорот вложен во неа. Врз основа на оваа анализа, состанокот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со фудбалерот Месут Озил беше одличен успех од гледна точка на турската влада. Без разлика дали е смислено или не, една единствена фотографија на автократот Ердоган со еден од најдобрите германски репрезентативци во последниве години отвори дебатата за интеграцијата и расизмот, каква што немало досега. Погледот кон коментарите и пишувањата во печатот во Турција покажува дека досега има само еден јасен победник во оваа затруена дебата и оти тој седи во претседателската палата во Анкара. На ова место му симнуваме капа на одговорното ПР-одделение!
Набрзо откако 92-кратниот германски репрезентативец Месут Озил преку Твитер изминатиот викенд го објави своето повлекување од националниот тим, имаше првични коментари од редовите на турската владејачка партија АКП. Опремени со вистински „нос“ за популистички пароли, се јавија неколку водечки политичари од АКП, вклучително и министерот за правда, министерот за спорт и личниот советник на турскиот претседател. Сите тие на 29-годишната фудбалска ѕвезда ѝ ја ветија нивната поддршка.
Пенал без голман за АКП
Како последен во редот во вторникот попладне за збор се јави и претседателот Ердоган и на вообичеаниот патетичен начин целно ја нападна дебатата во Германија. „Невозможно е да се прифати овој расистички став кон млад човек кој даде толку многу пот за успехот на германската репрезентација. Тоа не може да се толерира" рече Ердоган. Тој не можеше да се воздржи да не го пофали откажувањето на Озил од германската репрезентација: „Неговиот став е национален и патриотски, а јас ги бакнувам неговите очи. Стојам зад Месут и неговите изјави“, рече 64-годишниот турски претседател.
Се разбира, сето ова не се случува случајно: согласно „анализата на трошоците и добивките", Ердоган и неговите советници точно знаат дека лесно може да остварат политичка добивка од оваа дебата без големи напори, особено во време на социјалните медиуми. Турската опозиција е повеќе или помалку осудена на молчење, бидејќи секоја одбрана на Озил може да се смета за поддршка на Ердоган. А исто така речиси и да не може да се очекува отпор од германската политика. Имено дискусијата за расизмот покрената во случајот Озил, која страствено се користи од страна на Анкара е политички инструментализирана до вознемирувачки голем степен, така што не може да се очекуваат некакви контра-аргументи од одговорните во Берлин.
Веќе со поглед кон наредните избори
Дека политичките стратези на АКП притоа се потпираат на максимална симболика стана јасно и во малиот град Деврек, 200 километри северно од главниот град Анкара. Деврек е роден град на таткото на Месут Озил и, како впрочем и мнозинството градови во Анадолија, од 2002 година е цврсто во рацете на АКП. Во него има улица наречена по Месут Озил. На неа имаше билборд со плакат на врвниот фудбалер во дресот на германската фудбалска репрезентација. Иако Озил во минатото честопати се среќаваше со Ердоган, овој плакат остануваше на билбордот. Сега меѓутоа е заменет со плакат од фотографијата направена на нивната последна спорна средба во Лондон на која фудбалската ѕвезда насмеано позира до турскиот претседател.
Во нареднта година во Турција се одржуваат локални избори. Во Деврек и во останатиот дел на земјата ќе се избираат градоначалници, советници, градски и провинциски совети. Ако стратезите на АКП како пример ја земат дебатата околу Месут Озил, тоа би можело согласно „анализата на трошоците и добивките“ да биде една прилично успешна предизборна кампања.