Заминувањето на Озил е оправдано, кој ќе одговара за тоа?
23 јули 2018По 92 настапи во девет години и освоено Светско првенство, кариерата на Месут Озил во германската репрезентација изгледа ќе заврши со серија храбри твитови и запалени мостови зад него. 29-годишниот фудбалер во неделата најави дека повеќе нема да игра за Германија сѐ додека има „чувство на расизам и непочитување“.
Тројниот твит на Озил во неделата ги извади на површина долгата листа на поплаки за неговиот третман од страна на германските медиуми, германската фудбалска федерација (ДФБ) и навивачите на националниот тим, по неговата контроверзна одлука да се слика, заедно со тимскиот колега Илкај Гундоган, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Претседателот на ДФБ, Рајнхард Гриндел беше главна цел на Озил. „Не можам понатаму да прифатам да бидам жртвено јагне за неговата неспособност и незнаење квалитетно да си ја врши работата“, наведува Озил во долгата изјава.
Прашања на кои треба да ги одговори шефот на ДФБ
Претходно, Озил се пресмета и со медиумите. „Она што не можам да го прифатам“, напиша тој, „се постојаните обвинувања од германските медиуми за моето потекло и поедноставената слика за лошото Светско првенство од име на целиот тим“.
Неговата лутина е оправдана. Откако Озил одговори на повикот на Гриндел јавно да се изјасни за фотографијата со Ердоган, сега притисокот е врз шефот на ДФБ да даде објаснување за некои работи.
Гриндел првично ја поздрави одлуката на селекторот Јоахим Лев да го земе Озил на Светското првенство во Русија, а потоа одлучи дека Озил треба да даде одговор за своето однесување и тоа токму во моментот кога неговата организација беше во очајна потрага по виновник за катастрофата на првенството. Многу предвидливо.
Еве, Озил сега кажа што имаше. И притоа искористи и дел од речникот на Гриндел од неговото време како политичар во 2004 кога изјави дека мултикултурализмот „е мит и животна лага“. Доколку тоа и натаму е ставот на Гриндел, не би било соодветно тој да продолжи на позицијата од која е директно задолжен за надгледување на работата на тренери и играчи од различно потекло.
Навистина не мораше да дојде до ова. Нема сомнеж дека одлуката на Озил да се фотографира со лидер кој ја задуши слободата на мислата и ги затвора политичките опоненти и дисиденти е проблематична.
Но, ништо од тоа ни оддалеку не ги оправдува отровните реакции за оваа, на крајот на краиштата, фотографија. Предвидливо глупавата реторика на Алтернативата за Германија (АФД), беше исто толку предвидливо надмината во гласност и омразата од армијата фанатици на социјалните мрежи.
Отровни реакции
Езил наведува дека бил нарекуван „е..ч на кози“ од германски политичар и „турско г..но“ од сопствените навивачи, па оттука чудно ли е што повеќе не сака да ја претставува земјата во која оние кои се на власт и оние кои треба да го поддржуваат не го сметаат за еднаков на себе?
Езил можеше подобро да се справи со оваа ситуација, но тој е фудбалер, а не дипломат. Справувањето со медиумски напади треба да биде едноставно за ДФБ. Иако не се организација позната по својата компетентност, невозможно е да се избегне заклучокот, кој го влече и Езил, дека муслиман кој игра за Германија е предмет на далеку поголема критика од другите кои се во негова позиција.
На пример, поранешниот германски капитен Лотар Матеус, сега амбасадор на ДФБ, неодамна беше сликан како се ракува со рускиот претседател Владимир Путин, човек кој не е познат како многу толерантен. Реакциите беа забележливи по нивното целосно отсуство.
Реакциите на одговорните и на ткн. фудбалски навивачи за една фотографија само го откриваат прилично злобниот и ксенофобен тон во германскиот фудбал и општество. Се чини дека за Езил нема повеќе назад, но надежта е дека со себе ќе го повлече и Гриндел. Тоа е единствениот начин нешто позитивно да излезе од оваа збрка.