1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД остануваат солвентни, засега

ЖА /РТР
8 октомври 2021

Проблемот на лимитот на нови задолжувања на САД сепак не е решен, а ни судбината на инфраструктурниот пакет кој го планира претседателот Бајден

https://p.dw.com/p/41Qip
USA Senat stopgap funding bill | Symbolbild
Фотографија: Ting Shen/Xinhua/picture alliance

Заканувачката несолвентност на САД засега е избегната. Сенатот изгласа привремено зголемување на максималната граница на државните задолжувања за 480 милијарди долари, на сегашни вкупно 28,9 билиони долари, но решението е детерминирано до 3 декември, потоа треба да се најде трајно решение на проблемот на државните долгови.

Со 50 наспроти 48 гласови, Сенатот ноќеска го усвои законот за зголемување на лимитот на државно задолжување, откако претходно единаесет Републиканци се согласија на промена на постапката, за да биде потребно само просто мнозинство при гласањето. Во спротивно, за законот ќе требаше да гласаат 60 од вкупно 100 сенатори, а Демократите на претседателот Џо Бајден располагаат со само 50 места.

За да стапи во сила, согласност за законот треба да даде и Претставничкиот дом. Демократите се надеваат дека во идните месеци уште повеќе Републиканци ќе го дадат својот глас за подигање на границата на државно задолжување, за да се избегне неликвидност и блокада.

Спорот околу финансирањето на државата се разгорува со недели. Без подигање на горната граница за задолжување, според министерката за финансии, Џенет Јелен, на  САД на средината на октомври им се заканува неликвидност, таа сега изрази задоволство од одлуката во Сенатот. Но, притоа и призна дека границата на задолжувањата предизвикува сѐ поголеми штети за САД: „Тоа доведе до бројни опасни конфликти, кои кај Американците и на светските пазари предизвикаа доведување во прашање на платежниот морал на Америка“.

Согласноста на Републиканската и Демократската партија сега на најголемата светска економија ѝ отвора временски простор до 3 декември. Но, во овој период треба да се најде не само трајно решение за горната граница на државните задолжувања, туку и заеднички именител за конкјунктурните и социјал-политички планови на претседателот. Бајден има намера со пакет од околу еден билион долари да ја модернизира во големи делови пропаднатата инфраструктура и со тоа да ја поттикне економијата, која е во криза поради пандемијата на коронавирус. Со друг пакет од околу 3,5 билиони долари Бајден планира поддршка на семејствата, на здравството и унапредување на борбата против климатски промени.