Вечната кавга околу должничкиот лимит во САД
17 октомври 2013„Војната е татко на сѐ“ - оваа реченица од грчкиот филозоф Хераклит може да се примени и на т.н. должничка горна граница во американскиот закон за буџетот. Таа беше воведена во 1917. година за да се лимитираат трошоците настанати со влегувањето на САД во Првата светска војна. Горната граница на задолжувања пропишува во колкав обем смеат да се задолжат САД. Ако е таа пречекорена, во сила автоматски стапуваат ограничувања заради повторно балансирање на буџетот.
Меѓутоа, во помалку од 100 години, оваа граница е поместувана нагоре веќе 75 пати. Дали воопшто има смисол граница која по потреба може да се подигне? Холгер Шмидинг, главниот економист на банката Беренберг од Лондон, смета дека лимитот на задолжувања вусшност навистина има смисол. Тој ги принудува американските политичари „редовно да размислат дали навистина сакаат да прават нови долгови“.
Ирвин Колиер има спротивен став. Американскиот економист, кој ги води студиите за Северна Америка во Институтот Џон Кенеди во Берлин, сегашниот спор околу должничката граница во САД го смета за целосно непотребен, зашто проблемот може да се реши уште при преговорите за буџетот:
„Конгресот решава што треба да прави државата, колку треба да потроши и колкав прилив на примања да има, оваа дополнителна граница нема никаков смисол“.
Должнички лимити во Берлин и во Брисел
Ханс-Петер Бургхоф, економист од Универзитетот Хохенхајм, укажува дека и во Германија од 2011. година постои граница на задолжување, т.н. кочница за долгови. Таа ги принудува германските политичари на поконсеквентно избегнување на долговите отколку нивните американски колеги:
„Ние создадовме уште поголема пречка со тоа што неправењето нови долгови го внесовме и во Уставот“.
На европско рамниште овој инструмент се нарекува Фискален пакт, а кога веќе е воведена во ЕУ, оваа политика добива широка основа.
„Фискалниот пакт мора да биде спроведен во сите европски држави кои имаат пристапено во него“, вели Бургхоф.
Но, и за Берлин и за Брисел и натаму важи истото што и за Вашингтон, ако нема пари, мора да се испечатат нови:
„Ако навистина ’згусти’, нема друг избор освен да се подигне горната граница и да се овозможи државата да остане платежно способна“.
Економско хорор сценарио
Ако американските политичари не се усогласеа околу буџетот, последиците ќе ги сносеа сите, не само Американците. Зашто, ако на американската влада и‘ снема пари, мора драматично да ги скрати сите издатоци. А никој, истакнува Ирвин Колиер, не може да предвиди кога и колку ќе биде блокирано: „Не постои никаков систем, ќе постои своеволно плаќање на одредени сметки“.
Економски хорор сценарио би било ако САД притоа ја запостават својата должност да плаќаат долгови или целосно се одречат од неа. Ханс-Петер Бургхоф не би сакал ни да си ја претстави веста дека една држава нема веќе да ги плаќа своите долгови:
„Тогаш настанува штета во размери кои ниедна држава не може да ги поднесе“.
Холгер Шмидинг од банката Беренберг има слично мислење. Ако САД не ги сервисираат повеќе своите обврски, „неколку дена тоа ќе биде сфаќано како лоша шега. Но, ако тоа потрае подолго, САД ќе бидат посматрани само со недоверба и ќе бидат казнети со високи камати“.
Принуда кон домаќинско работење?
Најновиот спор околу долговите во САД, според Бургхоф, даде патем одговор и на едно базично, речиси морално филозофско прашање: дали луѓето можат да бидат принудени на врлини? Американската граница на задолжувањата, германската „кочница за долгови“ или европскиот Фискален пакт, сите тие беа обид „да се замени со законско регулирање умешноста на еден политичар, кој мора да работи домаќински, дури и во случај со тоа да загуби понекој глас на избирачите. Но, на примерот од САД гледаме дека тоа не функционира“, истакнува Бургхоф.