1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега господарат српските и албанските националисти

Немања Рујевиќ/ Симе Недевски21 октомври 2014

Најавената посета на албанскиот премиер Еди Рама на Србија е одложена. Можноста за историски исчекор страдаше во виорот на национализам по прекинатиот фудбалски натпревар меѓу двете репрезентации во Белград.

https://p.dw.com/p/1DYqU
Фотографија: Reuters/Arben Celi

Александар Секулиќ познава и помирни работни денови. Од минатата недела младиот активист за човекови права патува ширум Србија, насекаде каде се случија целни напади врз локали во сопственост на Албанци. На северот на Србија досега беа уништени или запалени најмалку десетина перакници и слаткарници, а при еден од овие напади дури беше употребена и бомба. Истотака и една џамија беше цел на српските националисти: „Чиста среќа е дека никој не загина“, вели Секулиќ кој работи за Белградската невладина организација Младинска иницијатива за човекови права. Српската влада и граѓанското општество ги осудуваат нападите, а уапсени се и оосомничените напаѓачи.

Виновни секогаш се другите

Предизвикувач на новоразгорените тензии меѓу Србите и Албанците, како што е познато беше квалификацискиот натправар за Европското фудбалско првенство, во минатата недела во Белград. Појавувањето на знамето на Голема Албанија над стадионот во Белград беше сигнал за српските хулигани да упаднат на теренот и да ги нападнат албанските фудбалери. Оттогаш ширум Србија има бран на разгневен национализам. Дури и во Виена дојде до масовни судири меѓу припадници на двете етнички групи.

Fußballspiel Belgrad Albanien Serbien Ausschreitungen Drohne
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Како и честопати во минатото и овојпат на двете страни вината за ескалацијата се бара кај другиот. „Албанската јавност го игнорира фактот дека 'големоалбанските симболи' не треба да се заштитуваат. Од друга страна во Србија, расистичките повици на стадионот и насилството против Албанците се оправдуваат само со 'нападот со знамето на Голема Албанија'', изјави Секулиќ за ДВ.

Во изјавите за медиумите политичарите од двете страни само долеваа масло на огнот. Српскиот премиер Томислав Николиќ изјави дека Албанците генерално ги мразат Србите и така ќе остане уште со векови. Албанскиот премиер Ади Рама наспроти тоа пак изјави дека Србите уште еднаш докажале дека се ноторни националисти и расисти.

Посетата засега пропадна

Токму во една волку загреана атмосфера се погоди и терминот (22.10.) за постата на Рама на Србија. Меѓутоа долгопланираната прва билатерална средба по цели 68 години, беше одложена и презакажана за 10 ноември.

Сега веќе одложениот состанокот на премиерите на двете земји во Белград беше оценет како на важна шанса за приближување на двата народи. Надежите за такво нешто сега изгледа замреа.

Во Брисел, развојот на настаните по скандалозниот натпревар беше критикуван претпазливо и воопштено. Германскиот европратеник Дејвид Мекалистер за Дојче Веле изјави дека помирувањето мора да ги опфати целокупните општества и народи. „Се надевам дека вакви слики нема да се повторат“, изјави Мекалистер кој неодамна Европарламентот го назначи за свој известувач за Србија.

Во прашање е Косово

Во суштина кандидатките за членство во ЕУ, Србија и Албанија немаат непремостливи меѓудржавни проблеми. Непријателското расположение повеќе е последица на длабоко спротиставените интереси околу темата Косово. Најмладата држава во Европа еднострано прогласи независност во 2008. година и во меѓувреме е официјално призната од повеќе од 100 земји меѓу нив и 23 држави-членки на ЕУ. Владата во Белград од една страна не сака да го признае суверенитетот на својата поранешна провинција а од друга страна ја прифаќа „реалноста“, како што официјалните претставници на Србија милуваат да го формулираат тоа. Оваа реалност комбинирана со притисокот од Брисел доведе до тоа Белград и Приштина да склучат повеќе меѓусебни договори.

„Најновите случувања докажуваат дека потпишаните документи, би можеле да бидат добар прв чекор, но во никој случај не можат да претставуваат крај на процесот на нормализација на односите“, смета Илиријана Качанику од „Косовската фондација за отворено општество“. Од војната, која започна со угнетувањето на Албанците од страна на режимот на Слободан Милошевиќ и кој заврши со бомбардирањето на Србија од страна на НАТО со стотици цивилни жртви како и со повлекување на српските трупи од Косово, поминаа 15 години, Оттогаш наваму, вели Качанику за ДВ, многу се говореше ама малку нешта се променија. „Водечките политичари од регионот се неспособни да гледаат во иднината. Со стариот начин на размислување не може да се изгради модерна европска земја“, смета таа.

Protest in Belgrad Kosovo Serbien Flagge
Фотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

Популизмот е сѐ уште популарен

Денес во Белград и во Приштина на власт се поранешните непријатели. Српскиот премиер Александар Вучиќ на крајот на деведесетите години јавно ги навредуваше Албанците и како министер за информации спроведуваше цензура и државна пропаганда. Шефот на косовската влада Хашим Тачи беше лидер на парамилитарната Армија за ослободување на Косово, (УЧК), која е осомничена за бројни воени злосторства против Србите. Двајцата денес се претставуваат себеси како политичари кои се залагаат за Европа, но при своите јавни настапи не се откажуваат од популистички пароли. Слично постапува и Еди Рама во Аланија, „Националистичката реторика и натаму се нуди, бидејжи граѓаните сѐ уште ја купуваат. А медиумите помагаат во трансакцијата“, заклучува Качанику.

Српскиот активист за човекови права Секулиќ верува дека само приближувањето кон ЕУ нема да го реши проблемот. „Брисел изгледа дека е задоволен со тоа дека Србите и Албанците не се убиваат меѓусебе“. Новиот состав на Европската Комисија веќе најави дека во наредните пет години во ЕУ нема да да биде примена ниту една нова членка . Токму затоа не треба постојано да се чека на импулс од надвор“, вели Секулиќ. „Национализмот на Балканот во последните децении остави зад себе стотици илјади мртви, прогонети и страдалници. Затоа наша обврска е да му се спротиставиме и да се бориме против него“. Тоа меѓутоа нема да биде едноставно и ќе трае долго, истакнува младиот активист за човекови права.