„Српско-албанските односи се далеку од нормалност“
20 октомври 2014ДВ: Посетата на премиерот на Албанија Еди Рама е одложена за 10 ноември. Може ли таа посета нешто да промени во затруената атмосфера?
Секулиќ: „Доаѓањето на Еди Рама можеше да придонесе за намалување на тензиите иако односите на Србија и Албанија се такви што тешко може да се очекува коперникански пресврт после било која официјална посета. Таа посета секако ќе послужи за властите во двете држави да добијат уште еден плус од Европската комисија. Сепак, препукувањето на официјалните лица и министерствата, вклучителни и препукувањата на социјалните мрежи, остава горчлив вкус во устата, дури и со посетата на Рама. Начинот на кој премиерот Александар Вучиќ одлучува за тоа дали да го нагости албанскиот премиер (и го најавува своето одлучување, како и секогаш) што е дел од вообичаената претстава за домашната публика, испраќа многу лоша порака- дека таквото инфантилно и неодговорно однесување е сосема нормално и прифатливо.
ДВ: Како ви делува таа низа на слики која ја добиваме последните денови: дрон, тепачка, обвинувања на претставниците на Албанија и Србија, судир во Виена, Албанци палат српски знамиња во Косово, Србите палат албански пекари...
Уште еднаш најмногу страдаат оние кои имаат најмалку врска со изворите на инцидентот. Албанската јавност воглавно го игнорира тоа дека картата на Голема Албанија не би требало надреално да лета над фудбалскиот терен, ниту дека самите симболи на Голема Албанија се симболи кои треба да се бранат.
„Во Србија инцидентот со знамето се доживува како покритие или оправдание за расистичко навивање, упад на теренот и напади врз објекти во сопственост на несрби. Нападите врз албанските пекари не уследија ноќта кога беше прекинат натпреварот, туку беа организирани и изведени со ладни глави, во географски јасно подрачје. Официјалната осуда на нападите врз албанските пекари во Србија стигна доцна и премиерот истото го релативизираше со говор за „бруталната провокација“ која знамето ја претставува. Требаше да се испрати поинаква порака- дека нападите врз имотите се подеднакво неприфатливи и со знамето на Голема Албанија и без него.
Незаобиколна улога во подгревањето на атмосферата уште еднаш имаа медиумите- и тоа не само таблоидните. Грди насловни страници и еднострано прикажување на инцидентите на теренот, објавување на непроверени информации- придонесоа кон тоа дека последиците ќе ги чувствуваме уште долго.
ДВ: Медиумите деновиве често наведуваат дека процесот на помирување претпрел удар, но дали помирувањето меѓу овие два народи воопшто некогаш и започна?
„Не можеме да имаме помирување таму каде што постои длабоко недоразбирање и недоверба, па и непризнавање, како што го имаме во односите на Србите и Албанците. Тука не се работи само за непризнавањето на Косово како независна држава, туку честопати и за непризнавање на другиот како човечко битие слично нам. Српскиот националист го гледа Хрватот како рамен на себе, како легитимен, но Албанец го гледа како животно, или барем како човек на понизок степен на цивилизациски развој. Секако, да се тврди денес дека сме онаму каде што бевме пред 10 или 15 години е апсурдно и регионот е евидентот помирен денес отколку тогаш. Но, сѐ и да ги немаше последните инциденти, односите на Србите и Албанците се и понатаму под долниот праг на нормалноста.
ДВ: Делува како Брисел да е екстремно задоволен со голото потпишување на договори и замижува пред растечкиот национализам и сето она што го следи (непостоење на владеење на правото, цензура, див капитализам) во Србија, а по се изгледа и во двете албански држави?
„По повод српско-албанските односи често се слуша тезата, за која сметам дека е точна, дека ЕУ е задоволна сѐ додека не се убиваме, односно додека не се убиваме премногу. Бидејќи сите три земји се многу далеку од членство во ЕУ, Брисел покажува голема трпеливост за неспроведувањето или ограниченото спроведување на Бриселскиот договор од чие потпишување измина веќе една и пол година.
Национализмот или задушувањето на слободата на изразување се проблеми кои ќе мораме да ги решаваме и без асистенција од Брисел. Точно е дека национализмот е на загрижувачко ниво во многу членки на ЕУ, но зад балканските национализми во блиското минато останаа десетици илјади жртви и стотици илјади протерани луѓе. Затоа имаме обврска да се соочиме со национализмот, наместо да се жалиме што не ни помагаат доволно од страна.
ДВ: Политичарите на двете страни и натаму се подготвени за да добијат гласови да ги газат своите дипломатски и добрососедски принципи. Дали српскиот и албанскиот гласач и натаму паѓа на понудата на национализам?
„Луѓето тука очигледно го сакаат национализмот и затоа речиси целиот политички спектар е изместен во десно. Политичката понуда во нашите земји е доволно разновидна, но на мнозинството му се допаѓа барем мала доза на национализам, инаку избирачите не би ги поддржувале партиите кои ги поддржуваат. Во Србија во последните две години на власт се партии кои имаат вистински националистички легитимитет, партии кои можат да ги поставуваат стандардите на национализмот. Во моментов, добар 'стандарден националист' е оној кој го поддржува членството во ЕУ и соработката со соседите, но кој го задржува правото да збесне и себеси да си даде мала одишка доколку некој го испровоцира. Така се однесува токму српскиот премиер.
Албанскиот национализам, за разлика од српскиот, не доживеа универзална осуда и не претрпе серија воени порази во последните 20-ина години, па затоа и одушевеноста со приказите на Голема Албанија е толку силно на Косово, во Албанија и во Македонија. Албанскиот национализам, од друга страна, е ограничен со тоа што Косово минува низ поинаков пат до признавање на својата независност отколку многу други држави, со тоа што косовскиот Устав забранува обединување со други земји и од тоа што интеграцијата на северот на Косово повеќе зависи од желбата на Белград да се приближи до ЕУ, отколку од тоа што Приштина го има да им го понуди на Србите северно од Ибар.
Александар Секулиќ е истражувач на белградската канцеларија на Иницијативата млади за човекови права.