1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се сеќавате ли на Агрокомерц?

Амир Пуриќ
31 август 2017

И покрај сите анализи околу аферата Агрокомерц, јавноста на просторите на екс Југославија ни денес, 30 години подоцна, не ја знае вистината за бившиот гигант. Во средата беше продаден најзначајниот дел од неговиот имот.

https://p.dw.com/p/2j815
Bosnien und Herzegowina "Agrokomerc - Affäre, die Jugoslawien zerstörte"
Фотографија: DW/A. Puric

Деновиве беше завршена продажбата на еден од најзначајните делови од имотот на Агрокомерц, некогашниот гигант во југословенската прехранбена индустрија од Велика Кладуша. Тоа е истовремено и крај на периодот на општествено и државно сопствеништво над комбинатот, и тоа симболично, токму на 30-годишнината од случувањата кои го запреа неговиот експлозивен развој.

Крахот беше најавен кон средината на август 1987 година, кога белградскиот весник „Борба“ објави текст под наслов „Удар од 20 милијарди стари динари: Агрокомерц издавал меници без покритие“, кој ја потресе југословенската јавност. Фикрет Абдиќ, творецот на економското чудо, е сменет од функцијата директор на комбинатот уште на 4 септември истата година, а четири дена подоцна и уапсен. Започна „аферата Агрокомерц“.

И покрај сите новинарски текстови, книги и истражувања за аферата Агрокомерц и денес, 30 години подоцна, јавноста на територијата на поранешната држава е поделена околу нејзините причини и поводи. Не недостасуваат ниту теории на заговор. Според една, таа афера послужи како повод за меѓусебна пресметка на политичките водства на југословенските републики и така стана вовед во распадот на Југославија. Според друга теорија, се работи за политички монтирана афера со цел да се урне Хамдија Поздерац, самиот од Цазинска краина, и тогашен претседател на Уставната комисија на Собранието на СФРЈ, чиј политички раст е поврзан и со економскиот успех на Агрокомерц. Трети, пак, се на став дека аферата била очекувана последица на мегаломанските амбиции на Фикрет Абдиќ.

Агрокомерц - економско чудо или фризиран успех?

До таа 1987 година за Агрокомерц и Абдиќ во југословенскиот печат се пишуваше само во суперлативи. Во регион кој според развиеноста беше под републичкиот просек, на почетокот на 1970. години Абдиќ ја пререгистрира Земјоделската задруга во Агрокомерц. Фирмата се развиваше со страотна брзина, отворајќи во следните десетина години фабрики, фарми, продавници и други стопански објекти. Илјадници Краишници, кои дотогаш беа сиромашни земјоделци и заминуваа на работа во странство, за првпат добија шанса да работат во индустриско производство во родниот крај.

На врвот на моќта, Агрокомерц вработуваше 13.600 работници. Целиот регион во период од една деценија од речиси средновековни животни услови „скокна“ во модерното индустриско доба.

„Знаев дека таму се случуваат големи работи, но дека се работи за така добро организирана работа не ни сонував“, вели новинарот Ненад Пејиќ во своето сеќавање на аферата. „Кој не го видел тоа, не може да сфати зошто авторот на сите тие проекти, Фикрет Абдиќ, сите едноставно го нарекуваа - Бабо. Беше полубог. Не затоа што медиумите создаваа таква слика за него, туку затоа што на тамошните семејства им донесе работа, на децата училишта, на градот улици и базени и.т.н“.

Покрај Абдиќ, најзаслужни за процутот на Цазинска Краина беа и браќата Хакија и Хамдија Поздерац, високи комунистички функционери со потекло од регионот. Како што растеше нивното влијание во Сојузот на комунистите, така и Цазинска Краина добиваше сѐ повеќе средства од сојузните фондови за неразвиени подрачја. Почетокот на 1980-те години е златното време на Велика Кладуша. Абдиќ добива највисока државна награда за заслуги во економијата, додека Југославија тоне во криза, оптоварена со надворешни долгови и внатрешни политички проблеми.

Bosnien und Herzegowina "Agrokomerc - Affäre, die Jugoslawien zerstörte"
Фармата на Агрокомерц сѐ уште работиФотографија: DW/A. Puric

Лажни меници

Иако аферата Агрокомерц ненадејно изби во летото 1987 година, подоцнежните сведочења на нејзините актери откриваат дека „нешто гнило“ во работењето на комбинатот се наѕирало многу порано. Се множат сомнежите дека комбинатот добива повластена позиција, дека се фаворизира со олеснувања и неповратни кредити и конечно - дека Агрокомерц неточно го прикажува своето работење.

Уште во 1984 година политичкиот врв на БиХ бара од Агрокомерц да пристапи кон финансиска консолидација и да ги запре инвестициите - мерка во согласност со препораките од Долгорочната програма за економска стабилизација која требаше југословенското планско стопанство да го трансформираат во пазарна економија. Раководството на Агрокомерц ги одбива овие мерки со поддршка на моќниот Хамдија Поздерац.

Кога Фондот за неразвиени подрачја и неповратни кредити остана без средства, Агрокомерц, како и многу други компании, почна да издава меници како начин за прибирање капитал. Лажни меници во текот на 1986 година издавале 2.000 фирми од цела Југославија, собирајќи на тој начин околу 34 милиони долари. Но, Агрокомерц со помош на меници без покритие од југословенските банки успеал да собере најмалку 400 милиони долари.

Последици и теории

За вистински почеток на аферата се смета ноќта меѓу 26 и 27 јануари кога во еден магацин на Агрокомерц избива пожар кој Службата за државна безбедност го користи како повод за да влезе во комбинатот. Набрзо се отвора истрага која завршува со обвинение. Абдиќ и неговите најблиски соработници, Стопанската банка Бихаќ, како и Хакија Поздерац, поради политичка одговорност се обвинети за економски удар врз општествено-политичкиот систем на Југославија и упад во платниот систем на државата.

Судењето почнува во мај 1988 година, а го води судијата Рифат Коњиќ. Во разговор за ДВ, Коњиќ вели дека се сеќава на секој детал од процесот. „Постапката траеше доста долго и на крајот заврши со пресуда која речиси сите кои ја следеа ја окарактеризираа како победа на правдата над политиката“, вели Коњиќ.

Абдиќ е осуден на четири години затвор и две години забрана за вршење раководна функција. Но пресудата никогаш не станува правосилна. Веќе кон крајот на 1989 година Абдиќ излегува од притвор и се враќа на чело на Агрокомерц. Следната година влегува во Партијата на демократска акција (СДА) и како нејзин кандидат на првите повеќепартиски избори е избран во претседателството на БиХ. Недолго потоа, Врховниот суд му ја укинува пресудата.

Fikret Abdic Bosnien und Herzegowina
Фикрет Абдиќ на промоцијата на неговата книга во декември 2016 годинаФотографија: DW/A.Puric

Цехот го платија граѓаните

Сметката од аферата Агрокомерц ја платија граѓаните на БиХ, а особено на Велика Кладуша. Со почетокот на судскиот процес, престана работата на комбинатот. Судијата Коњиќ се сеќава дека ги прашал одговорните зошто Агрокомерц не работи додека трае процесот. „Одговорите кои ги слушнав не ме задоволија. Ми беше чудно дека поради процесот против Абдиќ сѐ е застанато, пилињата умираа, фабриките не работеа, луѓето безнадежни, а целиот крај беше таму вработен“, се сеќава Коњиќ.
Самиот Абдиќ во децениите кои следеа беше славен како спасител, сметан како жртва на монтирана афера, но и осуден за воени злосторства сторени на територијата на самопрогласената Автономна Покраина Западна Босна. Во автобиографската книга објавена во декември 2016 година, Абдиќ тврди дека аферата била монтирана, но не кажува од кого.

Некогашниот гигант денес е државна фирма со долг од преку 200 милиони марки (100 милиони евра) поради што неговиот имот се продава дел по дел преку судска постапка. Во ретките сочувани објекти на фирмата работат едвај стотина работници. Од стотиците брендови и производи на Агрокомерц кои беа познати ширум Југославија, денес опстојува само уште еден - чоколадниот бисквит „Топс“. А Агрокомерц живее во сеќавањата на поранешните работници кои сѐ уште ги прераскажуваат „златните времиња“ од 80-те години на минатиот век, кога благодарение на комбинатот избегаа од сиромаштијата.