1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фикрет Абдиќ излезе од затвор

9 март 2012

Еден од најконтроверзните политичари во поновата историја на БиХ Фикрет Абдиќ „Бабо“ денеска излезе од затвор по отслужување на две третини од казната поради воени злосторства.

https://p.dw.com/p/14I6V
Фотографија: AP

Фикрет Абдиќ „Бабо“ денеска (09.03) беше дочекан од околу две илјади луѓе, кои со 35 автобуси пред затворот во Пула дојдоа од Босна и Херцеговина, Хрватска, па дури и Словенија. Абдиќ на своите приврзеници им вети дека ќе се бори да го оживее „Агрокомерц“ и „од пепел да го постави на здрави темели“.

Жупанискиот суд во Карловац во 2003 година го осуди Абдиќ на 20 години затвор, а Врховниот суд ја намали казната на 15 години. Му се судеше како на државјанин на Босна и Херцегховина и Хрватска по обвинение од БиХ, а врз основа на договорот на владите на двете земји за правна помош. Прогласен е за виновен поради воспоставување на таканаречената Автономна Покраина Западна Босна спротивно на Уставот на БиХ и поради тоа што како командант на таканаречената народна одбрана бил одговорен за отворање логори и прифатни центри низ кои минале најмалку пет илјади противници на создавањето на таа покраина, а во кои поради злоставување умреле најмалку три лица. Автономната Покраина Западна Босна беше прогласена на подрачјето на Цазин, Велика Кладуша и Бужим од 1993 до 1995 година.

Кој е „Бабо“?

На првите повеќепартиски избори во БиХ во 1990 година Фикрет Абдиќ „Бабо“ доби најголем број бошњачки гласови, но му ја препушти функцијата во тогашното Претседателство на Социјалистичка Република БиХ на лидерот на Партијата за демократска акција (СДА) Алија Изетбеговиќ. Добриот изборен резултат аналитичарите го поврзуваат со заслугите на Абдиќ за експанзија на стопанскиот гигант од Велика Кладуша „Агрокомерц“.

Bosnien Fikret Abdic
Фикрет Абдиќ во судот во Карловац на 31 јули 2002 годинаФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Поради несогласување со политиката на СДА, Бабо во воената 1993 година ја основаше Автономна Покраина Западна Босна и се сврте против легалното раководство на БиХ. Сојузници против армијата на БиХ Абдиќ најде во Радован Караџиќ, Мате Бобан и челниците на таканаречената Република Српска Краина, а формирањето на покраината го поддржаа и тогашниоте претседатели на Хрватска и Србија, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ.

Во внатребошњачкиот судир (1993-1994) загинаа околу три илјади луѓе, а многу цивили и припадници на армијата на БиХ се убиени или измачувани во логорите на Автономната Покраина Западна Босна. По воените судири Абдиќ побегна во Хрватска, каде до смртта на Туѓман уживаше заштита на режимот.

Bosnien Soldaten Bosnienkrieg
Војници на хрватските Срби со членови на војската на Абдиќ во селото Тодорово за време на војната во БиХФотографија: picture-alliance / dpa/epa

Абдиќ, кој во БиХ е обвинет за воени злосторства, беше уапсен во Хрватска во 2001 година. По одлежани две третини од казната Бабо денеска излезе од затвор. Неговите приврзаници очекуваат многу од неговото враќање и не веруваат дека тоа ќе ги влоши меѓубошњачките односи. „Мислам дека Абдиќ ја изгради Велика Кладуша и дека повторно ќе ја изгради. Не очекувам некакви судири зашто многу луѓе сега поинаку гледаат на се‘ што се случуваше во минатото“, вели симпатизер на Абдиќ од Велика Кладуша.

Преживеаните жртви од злосторствата на Абдиќ не гледаат благонаклоно кон неговото предвремно пуштање на слобода. Претседателиот на демобилизираните борци на Армијата на БиХ од Велика Кладуша Сеад Делиќ потсетува на „границите кои ги нема во картите, а кои се испишани по гробиштата и спомен обележјата“. „Со оглед на тежината на злосторствата кои ги има направено, сметам дека би требало да биде осуден на доживотна канза затвор“, изјави Делиќ за „БХ радио 1“.

Автор: Самир Хусеиновиќ / фена/хина/Е. Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски