Рекордни поплави на Балканот
16 мај 2014Во Србија спасувачките екипи денеска евакуираа и на безбедно сместија околу 7 илјади луѓе. Посебно критична е ситуацијата во Обреновац и Свилајнац, каде илјадници луѓе се искачени на покривите. Во околу 150 илјади домаќинства немаат електрична струја и вода. Бројни села во овие региони се отсечени од остатокот на светот и чекаат помош преку хеликоптери. Под вода се најде дури и главниот град Белград (на насловната фотографија).
Руски нуркачи и експерти за извлекување луѓе стигнаа во Србија за да помогнат во напорите за спасување на луѓето. И ЕУ и дел од нејзините членки, меѓу кои и Германија, понудија помош. Своја помош, во рамките на можностите, понуди и Македонија.
Во соседната Босна и Херцеговина состојбата исто така и натаму останува критична. Додека на планините падна околу половина метар нов снег, во градовите Маглај, Добој, Бјелина и Зворник има влошување на поплавите. Властите предупредија од уште поголеми проблеми, зашто најголемите реки во регионот, Сава и Дунав, својот највисок водостој ќе го достигнат дури следните денови. Во Србија загинаа пет, а во БиХ две лица.
Во Словачка невремето предизвика сообраќаен хаос и големи штети, а загина и еден старец.
И во Полска поплавите и ветрот предизвикаа штети, како и две човечки жртви.
Во источниот дел од Чешка обилните дождови се закануваат со поплава од повеќе реки, а метеоролозите очекуваат натамошни врнежи.