1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промена на политиката на НАТО?

Кристоф Хазелбах18 февруари 2009

Колку и како промените во американската политика ќе влијаат врз креирањето на политиката во Алијансата? На оваа тема во полскиот град Краков на неформална средба разговараат министрите за одбрана на НАТО.

https://p.dw.com/p/GwDO
Логото на НАТОФотографија: NATO

Дека ќе има промени во американската надворешна политика и посебно на воен план, тоа стана јасно и на неодамнешната безбедносна конференција во Минхен. Тука новиот потпретседател на САД, Џо Бајден, во дебито на меѓународниот паркет порача: „Америка ќе се ангажира повеќе, тоа е добрата вест. Лошата е дека Америка повеќе ќе бара и од своите партнери!“

Од информациите што доаѓаат од другата страна на Атлантикот станува јасно дека зголемениот ангажман на сојузниците од НАТО ќе се однесува пред се’ на мисијата во Авганистан. Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг, при тоа сака да спречи компонентата на цивилна обнова да биде запоставена, како во времето на Џорџ Буш. Германија тоа го смета за грешка: „Без безбедност нема развој, но и без развој нема безбедност. Само со воени средства нема да постигнеме успех во Авганистан“ - порача Јунг.

Sicherheitskonferenz München Joe Biden
Американскиот потпретседател Џо Бајден на безбедносната конференција во МинхенФотографија: AP

Колку цивилни, а колку воени средства?

Сојузниците од оваа страна на Атлантикот се надеваат дека со доаѓањето на новиот американски претседател навистина може да дојде до ново одмерување на соодносот меѓу цивилната и воената компонента на ангажманот во Авганистан. Дека тоа има подлога и во размислувањето на новата американска администрација, сведочи и изјавата на министерот за одбрана Роберт Гејтс, кој го задржа ресорот по промената на власта во САД:

„Загрижен сум дека Авганистанците би можеле во меѓувреме нас да не’ гледаат повеќе како проблем, отколку како решение за проблемите во нивната земја. Кога тоа би се случило така, тогаш би ја изгубиле војната!“

Генералниот секретар на Алијансата, Јап де Хоп Шефер, апелира сојузниците да не ги остават САД на цедило: „Навистина сум загрижен кога слушам дека САД планираат зголемен ангажман, а другите сојузници уште сега решаваат да не се ангажираат повеќе од до сега. Тоа не е добро за политичката рамнотежа во оваа мисија, а не е добро ни за политичкиот баланс во целата Северноатлантска Алијанса.“

Amerikanische Soldaten in Afghanistan
САД сака да го зголеми бројот на своите војници во АвганистанФотографија: AP

Разговор и за антиракетниот штит

Втора крупна тема за која се очекува да разговараат министрите на неформалната средба во Краков е инсталирањето на делови од американскиот анти ракетен штит во Источна Европа. И на овој план се очекува промена на курсот.

„Ние и понатаму ќе работиме на ракетната одбрана за да ја спречиме растечката закана од Иран, но тоа под услов да имаме техника што се докажала и да не се преголеми трошоците. За тоа ќе разговараме со вас, нашите сојузници, како и со Русија“ - порача американскиот потпретседател Џо Бајден на Минхенската безбедносна конференција.

Спомнувањето на техничките услови и трошоците би можело да се толкува како сингал за одложување на проектот. А кооперативниот тон кон Русија се чини веќе сега носи плодови. Руската влада неодамна навести можно откажување од инсталирањето ракети со кус дострел во руската енклава Калининград, блиску до полската граница. Освен тоа, добар знак е и спогодбата меѓу САД и Русија за соработка при транспортот на невоен материјал на НАТО за мисијата во Авганистан. Откако копнениот пат преку Пакистан стана се’ поопасен, Алијансата е принудена да бара алтернативи.