1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топли ветришта над Атлантикот

Нина Веркхојзер9 февруари 2009

Меѓународната безбедносна конференција во Минхен е добро мерило за расположението во односите меѓу САД и Европа. Тоа што Обама во Минхен го испрати вториот човек во државата Бајден, веќе по себе е знак на приближување.

https://p.dw.com/p/Gpxz
Џо Бајден на говорницата на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: AP

Потпретседателот на САД, Џо Бајден, со говорот на конференцијата ги разубеди и последните скептици: за новата американска влада Европа е нешто повеќе, отколку куп самоволни земји, од кои малку се подобни како лојални сојузници. Барак Обама го отфрли однесувањето на Џорџ Буш како светски шериф и сам себе си си пропиша доза на понизност. Новата американска влада сака да сослуша, очекува совет и помош од сојузниците, изјави потпретседателот. Америка веќе нема да спроведува тортури и нема да ги гази сопствените вредности од претерана грижа за безбедноста. Слушателите, кои во изминатите години се сомневаа во трансатлантската заедница на вредности, можеа да здивнат.

Symbolbild Obama Guantanamo USA
Обама упати јасен сигнал преку најавата за затворање на ГвантанамоФотографија: AP/DW

На САД им требаат сојузници

Џо Бајден во Минхен ги исцрта контурите на амбициозната програма на американската влада: стоп за промената на климата, преполовување на сиромаштијата до 2015 година, ставање под контрола на финансиската криза и другите меѓународни кризи. Според Бајден, сето тоа Америка не може да го изведе самата, па оттука новиот помирлив тон не е луксуз, туку нужност. Значи, и новата американска влада ќе бара доброволни помошници, но со таа разлика дека нема, како во времето на Буш, навредена да ги брише критичарите од списокот на партнери за разговор.

Доверба поврзана со очекувања

Сигурно се големи и очекувањата на Вашингтон од Европа: Авганистан и Ирак се конфликти кај кои Обама нема да сака да покаже никаква попустливост - и тоа го очекува и од сојузниците. Американските трупи во Авганистан во наредните месеци ќе бидат значително зголемени, а истовремено треба подобро да биде координирана и засилена цивилната обнова. Обама се’ уште не формулира никакви конкретни барања на адреса на партнерите во НАТО, но тоа нема да изостане. Германската влада прво мора да го бара своето место во новиот координатен систем на Обама. Она што недостасуваше во Минхен, беа јасни сигнали од Европејците во насока кон Вашингтон - каде ќе го придружуваат, а каде не. За жал, и германската влада ја пропушти шансата тоа отворено да го формулира.

Münchner Sicherheitskonferenz Steinmeier
Силна заложба за приближување со САД: шефот на дипломатијата, Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: picture-alliance / dpa

Пред новата американска влада претстојат тешки месеци - таа ќе мора да докаже дека не си постави превисоки цели. Веќе на наредната Минхенска конференција догодина ќе биде мерена според најавуваното. Европските сојузници, пак, сега мораат брзо да размислат како сакаат да ја креираат соработката со САД во конкретни случаи. Оти новиот пријателски тон гарантирано не значи било каква попустливост во однос на содржината.