1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот со часовниците во Европа доби и „посредник“

БГ
9 март 2018

Поради спорот меѓу Србија и Косово, доцнеа часовниците во цела Европа. Во решавањето на проблемот сега се вклучи и поранешен германски министер кој треба да посредува меѓу Белград и Приштина

https://p.dw.com/p/2u2i1
Funkwecker
Фотографија: Imago/blickwinkel

Поранешниот германски министер за животна средина Клаус Топфер, од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, треба да помогне во надминување на спорот меѓу Косово и Србија околу производството на електрична енергија. Како што пишува германскиот весник,Франкфуртер алгемајне цајтунг, Топфер потврдил дека на почетокот на следната недела ќе отпатува во регионот со таа цел. Планирано е тој да разговара со српската премиерка Ана Брнабиќ и косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
„Се работи за тоа да се испеглаат недоразбирањата и да се потсети на значењето на проблемот“, вели Топфер кој до 2006 година ја предводеше и програмата на ОН за животна средина.

„Тоа не е маргинален проблем, туку има влијание врз струјната мрежа низ цела Европа, како што веќе видовме“. Причината е што Косово влече енергија од европската мрежа, која Србија не сака да ја надокнади.

Мисијата на Топфер е на барање на меѓународната Енергетска заедница со седиште во Виена. Нејзините членки се обврзани да работат согласно европското право.

Косовските власти веќе ветиле дека повеќе нема бесправно да повлекуваат струја од заедничката европска мрежа, туку, како и порано, струјата ќе ја купуваат на пазарот во странство. Сепак, проблемот е што Косово, за разлика  од останатите балкански концерни, не е дел од Здружението европските производители на струја Ентсо-Е.

„Белград од политички и финансиски причини нема интерес Косово да стане самостојна регулаторна зона. Бидејќи, досега Србите ги собираа парите од продажбата на вишокот струја кон Албанија, Македонија или Црна Гора, а таа добивка всушност треба да оди кај надлежниот оператор, во случајов- косовскиот“, вели заменикот директор на Енергетската заедница Дирк Бушле.

Изминатите неколку недели, проблемот меѓу Србија и Косово, доведе до енергетски дефицит кој предизвика застој во малите уреди за домаќинства како микробранови печки и радио часовници низ цела Европа.

Во меѓувреме, од четвртокот, Србија се согласи да ја надокнади разликата, и експертите најавуваат дека и часовниците сега ќе се вратат во нормала.