1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето во Сирија продолжено, помошта заглавена

ЕМФ /ртр/афп/ард15 септември 2016

Русија најави, а сега за тоа согласност постигна и министерот за надворешни работи Лавров со неговиот американски колега Кери: прекинот на огнот во Сирија ќе биде продолжен за 48 часа. Насилството во земјата се намалува.

https://p.dw.com/p/1K2pJ
Фотографија: Reuters/B.Khabieh

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров се договорија за продолжување на прекинот на огнот во Сирија за 48 часа. И покрај одделните прекршувања, примирјето главно се одржува и насилството во земјата се намалува, изјави портпаролот на Кери, Марк Тонер. Претходно рускиот генералштаб се заложи за продолжување на примирјето.

Прекинот на огнот стапи во сила во понеделникот вечерта и важи за сите сили во Сирија кои од страна на Обединетите Нации не се означени као терористички. Терористичката милиција Исламска држава е исклучена. Рускиот генералштаб објави дека руската армија во вторникот вечерта запрела офанзива на Исламска држава во Палмира. Во воздушните напади биле убиени околу 250 напаѓачи, а уништени биле и околу 15 возила опремени со ракети за противвоздушна одбрана.

Помошта стои на граница

Прекинот на огнот требаше во прва линија да се искористи за распределба на хуманитарна помош на населението. Хуманитарните организации меѓутоа се жалат дека сириската влада сѐ уште не дала дозвола за транспорт на помош. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун изјави дека 20 камиони со помош стојат на сириско-турската граница и дека не може да тргнат затоа што не може да им се гарантира безбедност.

Независно од тоа, Турција испрати конвој со помош во храна и играчки во северносирискиот град Џараблус. Однесени се 25 тони брашно, ориз и тестенини, јави турската агенција Анадолу. Помошта ја организираше подмладокот на турската владеачка партија АКП.

Според наводи на ОН, во Сирија повеќе од 600.000 цивили се отсечени од надворешниот свет, дел од нив со години. Повеќето од тие територии се под опсада на режимот. Особено драматична е ситуацијата во бунтовничките региони на истокот од градот Алеп. Таму се блокирани околу 300.000 луѓе.