1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето во Сирија се одржува

ЕМФ/дпа/ард13 септември 2016

Луѓето во Сирија долго чекаа на некој вид здивнување од насилството. Од вчеравечер оружјето во земјата молчи, со исклучок на спорадични борби. Но, примирјето е на стаклени нозе.

https://p.dw.com/p/1K0yn
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik

Од страна на САД и Русија договорениот прекин на огнот во Сирија издржа првата ноќ. Во големи делови на земјата остана мирно, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

Борби се водат сѐ уште во северносириската метропола Алеп, а режимските сили пукале и врз бунтовниците во провинцијата Идлиб. Престрелки имало и во градот Кунеитра, на границата со Израел. Сепак, големи прекршувања на прекинот на огнот немало.

Прекинот на огнот важи за сите сили во Сирија кои од страна на ОН не се категоризирани како терористи. Терористичката милиција Исламска држава е експлицитно изземена од договорот. Армијата на сирскиот властодржец Башар ал-Асад најави дека ќе ги запре борбите против бунтовниците во период од седум дена. Сепак, армијата го задржува правото да се одмаздува за секоја повреда на прекинот на огнот од другата страна, јави сириската новинска агенција Сана, повикувајќи се на военото раководство.

Syrien Zivilbevölkerung in Aleppo
Оружјето мора да молчи за да се достави хуманитарна помошФотографија: Reuters/A. Ismail

Умерената опозиција во Сирија го поздрави прекинот на огнот, но побара гаранции дека сириските трупи ќе се држат до договореното. Таа стравува дека режимот би можел да го искористи примирјето за да врати под контрола некои територии.

Доколку прекинот на огнот се одржи седум дена, САД и Русија, според сопствени наводи, ќе преземат заеднички мерки против терористичките групи. Прекинот на огнот е предуслов за тоа милиони луѓе во окупираните територии каде што се водат борби, како што е Алеп, да добијат хуманитарна помош.