1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неуспех на германската репрезентација влијае врз економијата

Миша Ерхард
20 јуни 2018

Доколку германската репрезентација рано се збогува со светското фудбалско првенство, тоа негативно ќе се одрази врз одредени бизниси. Лошиот старт на СП на Германците се одразува и на некои курсеви на акции.

https://p.dw.com/p/2ztzr
FIFA Fußball-WM 2018 in Russland | Deutschland - Mexiko | Fanmeile Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Лошиот старт на германската репрезентација на светското фудбалско првенство се одразува не само врз расположението на фановите, туку и врз расположението на инвеститорите на берзата. Таму имено од почетокот на неделава на листата на продажба се пред сѐ акциите на Адидас. Причината лежи прилично јасно во неуспешниот старт на СП на бранителот на титулата светски првак. „Ако актуелниот светски првак го отвора СП на ниво на најдолна лига, тоа се одразува и на Адидас како снабдувач на тимот со опрема“, оценува Роберт Халвер, стратег за акции на Бадер Банк. „Кој сака да шета со Адидас ако тие испаднат уште во групната фаза?“

Повеќе: СП во фудбал и рекламите- сосем нормално лудило

Покрај ФИФА, од вакви турнири профитираат пред сѐ производителите на спортска опрема. Шефот на Адидас, Каспер Рорштед, неодамна изјави дека концернот забележат значително зголемување на обртот во последниот квартал токму поради продажбата на производи пред светското првенство. Лош резултат на Германците во наредните недели би можел на пример да ја намали побарувачката по дресови на репрезентацијата. Затоа акциите на Адидас по стартот на СП се чинат помалку атрактивни.

Fußball WM Schwarz-Rot-Gold Fanartikel
За дресови, знамиња или капи со боите на Германија, Германците сега се подготвени да дадат двојно повеќе пари отколку во 2014-таФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gerten

Прогнозата (сѐ уште) позитивна

Дресовите на германската репрезентација од СП 2014 досега беа исклучително многу омилени и купувани. Актуелните дресови ќе мора да се изборат за својата убавина, а доколку тоа изостане, ретко кој ќе сака да ги има и носи. Адидас е доставувач на дресови за уште 11 репрезентации. Со намигнување може да се каже дека Адидас однапред си го минимизирал ризикот со тоа што ги распределил своите инвестиции на повеќе фудбалски столбови.

Повеќе: Колку е безбеден Мундијалот?

Вакви манифестации се исклучително вносни за производителите на спортска опрема како што се Пума, Најк и Адидас. На последното европско првенство 2016 Адидас само од фудбалски производи и фан-артикли заработи околу 2,5 милијарди евра. Заработувачката на ова светско првенство би можела да биде уште поголема.

Fußball EM 2016 Fanartikel Zahnpasta
Во боите на Германија може да се купи дури и паста за забиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Прометот се зголемува и кај трговците на мало. Шефот на концернот Реве, Лионел Суке, смета со зголемување на обртот за најмалку 2% во неделите на одржување на СП. Грицки за долгите фудбалски попладниња и вечери, пијалоци и месо за скара е на врвот на списоците за купување на нацијата.

Повеќе пари за сувенири

Уште пред почетокот на СП супермаркетите и трговците на мало се обидоа да го поврзат позитивното расположение на големиот спортски настан со сопствените марки. За децата и возрасните кои останале деца на некои каси има сликички за албумите со својата репрезентација. „На тој начин ваквите претпријатија се обидуваат да ги поврзат позитивните асоцијации на СП со своите марки“, објаснува Бенјамин Цимерман од Универзитетот Хоенхајм. Тој работел на истражување за економските ефекти од вакво СП. Таа студија покажала дека трговците може да се радуваат - за дресови, знамиња или капи со боите на Германија, Германците сега се подготвени да дадат двојно повеќе пари отколку во 2014, имено речиси 23 евра. Во 2014-та беа нешто повеќе од 11 евра.

Но и тука факторот успех или неуспех на германската репрезентација игра одлучувачка улога. Според анкетата што ја направи Сојузот на германската трговија меѓу 300 трговци, 90% од испитаниците се на мислење дека СП-ефектот зависи многу од тоа до каде ќе стигне германската репрезентација на првенството. Втор фактор се временските прилики во текот на првенството.