Сосем нормално лудило
16 јуни 2018Кога Август Еткер во 1891 година во неговата аптека во Билефелд започна прашокот за пециво да го пакува во мали кесички и да ги продава по 10 фенинга по парче, го постави темелот за големата семејна империја. За овој претприемач уште од почетокот рекламата е многу важна. „Како може светот да знае дека правиш нешто добро ако не го покажеш тоа?, " гласеше мотото на Еткер, поради што уште во 1908 година основаше оддел за маркетинг и реклами.
Негативни реакции поради реклама за прашок за пециво
Што би рекле колегите од тоа време за рекламата на нивните наследници во 21 век? На еден плакат во Швајцарија е претставена жена која стои покрај шпорет и има испечено „фудбалска“ торта. Слоганот на рекламата гласи: „Усреќи го сопругот иако има втора љубов." Слика од жена покрај шпорет – тоа кај многумина не проаѓа добро. На социјалните мрежи има многу лоши и негативни коментари: Од „Кој може да го посоветува Др.Еткер дека веќе не живееме во 50-те години?" до „Дај уште едно поголемо парче злато! И ти не јади од тортата инаку ќе се здебелиш и ќе те остави"- гласат реакциите. Дури и се бара бојкот на производителот. Рекламата „Љубовна торта" навистина потсетува на една кампања од 50-те. Тогаш мотото во рекламата на Др.Еткер беше: „Знаете, една жена има две животни прашања: Што да облечам и што да зготвам?"
„Кампањата беше замислена како иронична"
Концернот смета дека реакциите се неправедни и во соопштението вели: „Кампањата 'Љубовна торта' беше развиена од тим исклучиво од модерни жени и мајки што работат со скратено работно време. Очигледно не ја интерпретиравме фудбалската тема на овој начин туку ја сфаќаме со извесна доза на иронија."
Патем, Др. Еткер, го гледа тоа сосема смирено и би се радувал ако „мажот ја прави среќна жената, внукот дедото или сестрата братот". Целта е едноставно да се поттикнат луѓето да печат слатки. Без разлика дали ви се допаѓа рекламата или не, целта е остварена: Др. Еткер е на насловните страници. Впрочем, според кредото на ПР-експертите, дури и лоша реклама е добра реклама.
Некои реклами за СП „пукаат“ над целта
На телевизија и радио,како и во весниците и магазините постојано се вртат реклами на големите компании. Секој се обидува да заработи пари на Светското првенство - но некои компании „пукаат" со своите бизнис идеи многу погоре од целта: Така во Бремен во продавница за оружје има поставено плакат на излогот на кој има четворица фудбалери сликани од грб. Слоганот гласи: „Најдобрата одбрана во светот доаѓа од Германија."
ПР-експертите најрадо за рекламни цели сакаат познати лица. Но не секој фудбалер кој учествува на СП е и роден глумец – како што е доказ спотот од 2011 година со Месут Озил во улога на Клинт Иствуд. Неговите колеги од тимот Матс Хумелс, Мануел Нојер и Бенедикт Ховедес исто така не беа жешки кандидати за Оскар.
Од „Нутела – момчиња“ до „Нутела проклетство"
Во 2012 година производителот на слатки Фереро направи спот со тогашните надежни играчи на германскиот тим „Нутела момчиња". Спорт и нутела не одат заедно, предупреди организацијата на потрошувачи Фудвоч. Ако германскиот фудбалски сојуз сериозно ја презема општествената одговорност за здравјето на децата, тој не треба да биде искористен за целите на Фереро, предупреди организацијата.
Да не зборуваме дека, и претходно циркулираа гласини за „Нутела проклетство": Производителот на чоколадо регрутираше млади надежни момчиња од германскиот фудбалски сојуз за своите рекламни спотови – и по нивното емитување следеше пад во кариерите на оние што беа дел од кампањите.
Без разлика дали станува збор за Кевин Курањи, Арне Фридрих, Месут Озил или Матс Хумелс, во наредниот период сите беа погодени. Но, тоа беше одамна и на Светското првенство во 2018 година синонимот за чоколадните момчиња е историја. Ако некој играч сепак е суеверен, тој може да ги носи чорапите превртени или секогаш кога влегува на терен тоа да го направи со десната или левата нога. Познато е дека и тоа носи среќа.
Хумористичната страна на рекламите
Во 2014 година, пред германскиот тим да стане светски шампион, Кока-Кола потпиша договор со голманот на Бајерн, Мануел Нојер, да им биде рекламна икона за диетален пијалок. Во спотот еден навивач седи на кауч и девојката му подава диетална кока-кола маскирана како нормална. Под мотото „Со Кока-Кола нула може да имаш сѐ", таа наскоро се претвора во Мануел Нојер, а дневната соба станува стадион.
Овој спот не му донесе несреќа на Мануел Нојер но во социјалните мрежи до ден денес кружи шегата „ Веројатно не сум ти девојката туку сум Мануел Нојер".
Дали рекламите за СП ќе ги интересираат навивачите по започнувањето на натпреварите, сепак останува отворено прашање.. Нема бегство од рекламите на телевизија, но без разлика на тоа: Од сега па натаму, лудилото почнува...